Мицкоски на економски и политички средби во Вашингтон: „Се лобира за интересите и напредок на државата“, велат од Владата

Во текот на вчерашниот ден, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД, кои се оддржаа во Вашингтон.

Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли, со кого го проследи поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.

Меѓу другото, престојот во Вашингтон беше искористен и за многубројни средби на кои се лобира за македонските интереси, соопштија од владината прес-служба.

Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“, организирана од компаниите „Трамп медија“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор.

„Разговор во кој зборувавме за Македонија, нашите предизвици, но и можности. Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и со администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзорастечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн., нашиот глас е сè посилен“, истакна за средбата премиерот на македонската влада, Мицкоски.

Истовремено, македонскиот премиер оствари разговор со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач и претседател на „Нијагара ботлинг“, компанија што има годишен приход од речиси 4 милијарди американски долари и приближно 5.000 вработени. Компанијата е основана 1963 година и денес е најголема компанија на американскиот пазар од оваа област.

„Инвестициите на ‘Нијагара ботлинг’ во Македонија се добредојдени. Македонската дијаспора е клучен елемент во системот, нашиот глас и аргументите да бидат појасни и посилни во светот. Обновуваме, но и создаваме нови можности и партнерства со секој што може да ѝ помогне на државата“, истакна Мицкоски за средбата.

Претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски. се сретна и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“ и одговорен за стратешките односи со владите во светот. „Тетер“ е најголемата компанија во светот, која управува со дигитален капитал, криптовалути. Профитот на компанијата во 2023 година е 6,2 милијарди американски долари, а само во првата половина од 2024 година профитот на компанијата е 5,2 милијарди американски долари.

За средбата Мицкоски истакна:

„Разговаравме за криптопазарот, иднината на криптовалутите и блокчејн-технологијата. Секоја инвестијата на ‘Тетер’ и споделено искуство од најголемите во својата област е добредојдено. Мора да чекориме со големи чекори напред. Предизвиците на иднината не смееме да ги игнорираме“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.