Мицкоски: Оваа година мора да вратиме две и пол милијарди евра стари долгови

Владата разгледува неколку нови мерки за ублажување на последиците од кризата, кои ќе бидат прецизно димензионирани во согласност со глобалните случувања.

Како дел од следната фаза, се анализира воведувањето на микро-таргетирани мерки. Меѓу опциите е замрзнувањето на трговските маржи, при што одмрзнувањето ќе се спроведува постепено за да се избегнат ценовни шокови.

Кои од овие мерки ќе бидат активирани ќе зависи исклучиво од развојот на глобалните услови.

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција истакна дека државата внимателно ја следи ситуацијата на Блискиот Исток и е подготвена за следната фаза на интервенција.

Премиерот предупреди дека ситуацијата во Персискиот Залив е исклучително сериозна, со сериозни штети на енергетската инфраструктура.

Освен што се соочува со кризата, владата се соочува и со сериозни стари долгови. Мицкоски информираше дека оваа година државата мора да врати до две и пол милијарди евра стари долгови.

„Оваа година треба да вратиме две и пол милијарди евра стари обврски. Почнавме да го враќаме данокот на солидарност. Станува збор за околу педесет милиони евра. Платите мора да се исплаќаат, пензиите мора редовно да се исплаќаат, општите трошоци, сè друго мора да биде континуирано и покрај ова, сега имаме директни субвенции што доаѓаат од Буџетот. Ситуацијата е таква каква што е. Реков дека нема предавање, ќе се бориме и на крајот ќе победиме“, рече премиерот.

Тој рече дека снабдувањето со гориво е стабилно и нема потреба од воведување ограничувања.

И покрај економските предизвици и мерките за ублажување на кризата, Владата засега не планира да го зголеми буџетскиот дефицит.
The post Мицкоски: Оваа година мора да вратиме две и пол милијарди евра стари долгови appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: