Мицкоски од Салзбург: Преспанскиот договор е брилијантно ремек дело

Преспанскиот договор е брилијантно ремек – дело, кое треба да се преслика за решение со Бугарија. Ваква порака испрати премиерот Мицкоски од Салцбург, Австрија, за време на неговото обраќање на 20тиот Европски Самит. 

На панел посветен на иднината и реформите на Европската Унија, Мицкоски порача дека спорот со официјална Софија е наметнат, додека суштината е тврдењето на Бугарија дека македонската нација е создадена 1945та како производ на комунистичката коминтерна, а Македонците претходно биле Бугари. 

– Ако Преспанскиот Договор беше ремек дело на европската дипломатија, нешто што е брилијантно. Тогаш зошто да не го реплицираме ова ремек-дело за изнаоѓање решение, конечно, пристојно, долготрајно, одржливо решение кое ќе обезбеди решение за овој вештачки спор? Ова не е спор со корени, ова е спор кој што е вештачки спор. – Христијан Мицкоски премиер.

Порача дека Бугарија не ги почитува 14те пресуди од Судот за човековите права во Стразбур за регистрирање на здружение на Македонците и дека со тоа покажува  отсуство на волја за приближување на работите во позитивна насока. 

– 14 пати во полза на македонската заедница во Бугарија и ниту еднаш за бугарската заедница во Северна Македонија. 14 наспроти нула. И сега се прашувам – зошто треба да го смениме нашиот устав, кога човековите права не се применливи?  А што  е со македонската заедница во Бугарија, на која бугарските власти не и дозволуваат – не да биде дел од бугарскиот устав, ние разговараме за регистрација на невладини организации. – Христијан Мицкоски премиер.

Според Мицкоски разделувањето на пакетот Скопје – Тирана не е ниту прво, ниту пак очекува дека ќе биде последно разочарување. На ова, директно му одговори Борут Пахор, поранешниот претседател на Словенија и му порача дека раздвојувањето не е добар знак и дека треба да преземе чекори за да се забрза македонскиот пат кон ЕУ. 

– Ова одвојување меѓу Македонија и Албанија не е добар знак за вашата земја. И не велам дека тоа што Бугарија го прави или владата пред вас го направи беше добра работа. Но, мислам дека е многу важно за Македонија, и се плашам за вашата земја, дека нешто треба да се направи за да се продолжи и забрза процесот. Знам колку е тешко. – Борут Пахор поранешен претседател на Словенија.

Петр Сијарто, министерот за надворешни работи на Унгарија, земјата која до крајот на годината претседава со ЕУ, порача дека Унијата нема да биде целосна без западен Балкан, а земјите од регионот мора да имаат рамноправно место. 

Мицкоски во Австрија треба да има средба со претседателот Ван дер Белен и  министерот за надворешни работи Александар Шаленберг. 

Пронајдете не на следниве мрежи: