Мицкоски освен што зборува наместо неговата кандидатка и сака да биде претседател и премиер, тој сака да биде и државен јавен обвинител. Да биде сигурен, тоа јас и вие, граѓаните, нема да му го дозволиме, рече кандидатот за претседател Стево Пендаровски
Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва на митинг во Крива Паланка рече дека во првите неколку дена од кампањата ВМРО-ДПМНЕ тргнале со културна дебата, но по неколку дена, кога виделе дека не им оди, почнале со директни закани кон него.
Пендаровски рече дека претседателот на партијата, Христијан Мицкоски е уверен дека ќе стане и премиер и претседател и државен јавен обвинител, но дека граѓаните сепак тоа нема да му го дозволат.
„Дури Мицкоски се дрзна да каже дека ќе ми го проверел мојот имот и имотот на моето семејство. Јас ќе треба да му објаснам неколку работи, затоа што неговата кандидатка која е доктор по правни науки, досега не му ги објаснила. Во демократијата има поделба на власта, 33 години сме независна држава и секој ден повторуваме за независно судство. Политичарите не можат да обвинуваат, не можат да апсат, не можат по телефон да диктираат пресуди. Но, тој е навикнат на тоа што правеа неговите претходници, кога тој беше генерален секретар на партијата и сега не може да се воздржи и мисли дека пак ќе биде така. Освен што тој зборува наместо неговата кандидатка и сака да биде претседател и премиер, тој сака да биде и државен јавен обвинител. Да биде сигурен, тоа јас и вие, граѓаните нема да му го дозволиме“,
рече Пендаровски.
Пендаровски истакна дека тој никогаш не помилувал и нема да помилува криминалци и дека ВМРО-ДПМНЕ уште како опозиција покажала дека не толерира слобода на говор и медиумско изразување потсетувајќи на случаите со апсењето на новинарот Томислав Кежаровски и затворањето на А1 телевизија.
„Кај мене немало тајни разговори за амнестија на кого било. Јас се сомневам дека господинот Мицкоски ги има измешано луѓето и идентитетите. Јас не сум Ѓорге Иванов, тој помилуваше криминалци. Јас тоа никогаш не сум го направил и нема да го направам. Видовме сите пред три четири дена, уште во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ почна со тепање и апсење новинари. Пред неколку дена, новинар на новинарска задача кој следи фудбалски натпревар, беше нападнат од специјална полиција, тоа во наше време се немаше случено, никогаш досега во овие шест-седум години се нема случено полицајци од специјални единици да апсат новинар кој е на работна задача“,
рече тој.
Пендаровски денеска се сретна со граѓаните на општините Ранковце и Крива Паланка каде ја претстави својата програма. Ги повика граѓаните на 24 април и на 8 мај да му ја дадат поддршката и така државата да продолжи по европскиот пат.