Мицкоски: Сашо Дранго ќе биде разрешен доколку се потврди дека ја застрелал мечката

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе следи одговорност за заменик-директорот на „Македонија пат“ Сашо Дранго, ако се утврди дека тој ја застрелал мечката со која се фотографираше во декември.

– Доколку се потврдат овие тврдења, ќе барам одговорност и ќе биде под итно разрешен. Таквите девијантни однесувања доколку се потврдат, јас ниту ги оправдувам, ниту имам намера да ги амнестирам – рече Мицкоски на новинарско прашање по присуството на божиќната литургија во Соборниот храм во Скопје.

„Анима Мунди“ минатата недела објави дека заменик-директорот на „Македонија пат“ и  претседател на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ во Демир Хисар, Сашо Дранго, се фотографирал со мечка и носи пушка со снајперски нишан, поради што тврдат дека ја застрелал во декември 2024 година.

Од „Анима Мунди“ посочија дека мечката е класифицирана како дивеч под заштита и нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането за што е предвидена и затворска казна. Од невладината организација најавија дека ќе поднесат кривична пријава против Дранго и очекуваат негово разрешување од функцијата.

Од Основното јавно обвинителство од Битола изјавија дека ќе отворат предмет за случајот со мечката.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.