Мицкоски се согласил на барањата на Трамп, Mакедонија да троши 5 проценти од БДП на одбрана?

Премиерот Христијан Мицкоски објави дека Република Македонија се вбројува меѓу државите членки на НАТО кои веќе ги надминуваат нормите за финансиски средства за одбраната, со повеќе од 2,5 проценти од бруто домашниот производ (БДП).

Христијан Мицкоски одговорајќи на прашањето дали Македонија е една од државите кои се согласиле да одвојуваат 5 проценти од БДП на буџетот за одбрана, премиерот одговори:

„Македонија одамна има буџет за одбраната кој е над 2 проценти“, рече Мицкоски.

Со проектите за модернизација на војската и инфраструктурните проекти, овие издатоци ќе се зголемуваат, изјави премиерот Мицкоски на заедничката прес-конференција со претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта.

Тој посочи дека новите упатства од најголемата држава членка на НАТО не се за покачување на границата на 5 проценти, туку за поставување на 2 проценти како минимум. „Ние сме одамна над тие 2 проценти. За жал, голем дел од земјите членки на НАТО се сè уште под тие два проценти“, потенцираше премиерот.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес е во еднодневна обиколка на Скопје, каде освен со премиерот Христијан Мицкоски ќе се сретне и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Целта на неговата регионална турнеја е да ја потврди преданоста на ЕУ кон регионот и изгледите на државите од Западен Балкан за приклучување во Унијата. Кошта претходно ги посети Белград и Сараево.

Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека на претстојниот самит на НАТО во јуни, сите негови членки ќе се согласат да ги зголемат трошоците за одбрана во следната деценија на пет проценти од БДП.

Рубио ги даде овие забелешки во интервју за „Фокс њуз“ по учеството на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Анталија, Турција.

Неговиот шеф, американскиот претседател Доналд Трамп, во својот прв мандат од 2017 до 2021 година го намали финансирањето на НАТО, честопати жалејќи се дека САД ѝ даваат на алијансата неправедна сума во споредба со другите членки.

„Можам да ви кажам дека за шест недели имаме состанок каде што речиси секоја членка на НАТО ќе биде на два проценти или повеќе од БДП, но што е поважно, многу од нив ќе бидат на над четири проценти, и сите ќе се согласат за цел од пет проценти во текот на следната деценија“, рече шефот на дипломатијата на САД.

Новиот германски министер за надворешни работи Јохан Вадефул претходно оваа недела изјави дека Берлин го поддржува барањето на Трамп земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана на пет проценти од БДП.

Самитот на НАТО ќе се одржи на 24 и 25 јуни во Холандија.

Пронајдете не на следниве мрежи: