Светите Кирил и Методиј, браќата благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок – писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Денес го празнуваме нивното дело, делото на нашите првоучители, светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност. Тоа го истакна претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во обраќањето на Свечената академија што по повод Денот на Светите Кирил и Методиј се одржа во катедралната црква „Света Софија“ во Охрид.
Како што истакна тој, вредноста што тие ни ја оставија и еве повеќе од еден милениум е нашиот светилник низ сите бури, низ сите предизвици и животни стрмнини кои ги искачуваме.
Премиерот ја искористи можноста да потсети на улогата на Македонската православна црква, како еден од најсилните бедеми на нашиот народ, мајката, како што рече, на нашиот духовен раст низ вековите, нашето засолниште и најсилен доказ за нашето постоење.
Претседателот на Владата во оваа пригода забележа на потребата од единство, порачувајќи дека „не сме премногу да се двоиме, и не сме пресилни за да се разединуваме“.
– Сакам да се осврнам на две теми кои се суштествено важни за нашето постоење. Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрвин ашето знаме, народ, химна, јазик, култура. Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни, рече тој.
Што се однесува на темата на домашните превирања и на, како што рече, „внатредржавни сопки“ пред притисоците однадвор, премиерот ја посочи потребата од единственост во позициите кај сите.
Замислете каде ќе бевме сега, додаде тој, доколку пред 30 години направевме силни пактови со нашите западни пријатели, доколку тогаш и во сите години потоа не се делевме, не се каравме за стратешките цели и склучувавме пријателства од кој бенефит ќе имаа сите граѓани. Не одете подалеку, погледнете неколку од нашите соседи, кои имаа таков пристап, тие отидоа и подалеку и посилно, затоа што ги фатија и приграбија, вели, историските шанси.
Притоа, како што рече, за да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство и подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината.
Притоа тој посочи дека различноста не е слабост, туку сила, дека силна е таа земја чии граѓани стојат еден покрај друг – не поради страв, туку поради заедничка надеж, не затоа што мораат, туку затоа што веруваат во заедничката иднина.
-Нашата историја е сведоштво за тоа што можеме да постигнеме кога сме обединети. Во најтешките времиња – кога сме биле притиснати, поделени, па дури и кога ни било одземено правото да зборуваме со свој глас – секогаш сме се издигнувале преку заедништвото. Денес, единството не се бара само на барикадите или во одбраната – туку во секојдневието. Во начинот на кој разговараме, на кој решаваме проблеми, на кој ја градиме нашата држава. Да бидеме нација која не се плаши од разлика, туку ја прегрнува. Народ кој знае дека само со заеднички чекори може да оди напред, рече премиерот истакнувајќи дека нема поголем патриотизам од обединувањето за доброто на сите, за татковината, порача премиерот Мицкоски.


