Младен Чадиковски легитимен претседател на ЗНМ

На вчера одржаната конститутивна седница Управниот одбор на Здружението на новинари на Македонија со автентично толкување на Статутот на организацијата, го прогласи Младен Чадиковски за легитимно избран претседател, со мнозинство гласови од редовните членови присутни во моментот на гласањето. На седницата присуствувале сите членови на Управниот одбор и сите одлуки биле донесени едногласно. Одлуката за потврдување на легитимноста на изборот на претседател на ЗНМ била донесена со консензус на сите членови на Управниот одбор. Новоизбраниот претседател Младен Чадиковски бил изземен од гласањето. На седницата, исто така, била предложена и едногласно избрана за заменик претседател на Здружението на новинарите на Македонија-Фиљана Кока , информира денес ЗНМ.
Како што констатирал Управниот одбор за време на одржувањето на Собранието не бил пристигнат ниту еден приговор за процесот на гласање ниту од страна на присутните членови, ниту пак од страна на членовите на Верификационата и Изборната комисија. Според нив сите засегнати страни кои имаат  каков било сомнеж во однос на изборната процедура можат да ги употребат достапните правни лекови.
– Управниот одбор повикува на консолидација на членовите со цел да се одржи достоинството и единството како клучни принципи за заштита на интересите на сите членови на ЗНМ. Управниот одбор констатираше дека за сите различни мислења е потребен зајакнат и институционализиран форум за дебата, со оглед на фактот дека и двајцата кандидати за претседател своите програми ги темелеа на поголема вклученост на членството во работата на Здружението преку предложени секции. УО предлага да се разговара со сите засегнати групи во еснафот и формирање секции кои ќе ги претставуваат интересите на тие специфични групи, изјавија од ЗНМ.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.