Многу пати, посочи актуелниот претседател, се прашува „што би рекол Борис за сето ова и како тој би постапил во овие услови“, додавајќи дека постојано се навраќа на вербата на претседателот Трајковски во македонските граѓани кога велеше „сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе иднината, го бараат од нас“
Во најтешките моменти за државата Борис Трајковски не беше сам. Со него беше и најголемиот дел македонски граѓани кои го избраа мирот наспроти војната, соживотот наспроти шовинизмот, простувањето наспроти омразата. Ова го кажа претседателот на државата Стево Пендаровски во својот говор пред комеморативниот концерт што по повод одбележувањето на 20-годишнината од смртта на вториот претседател на земјава Борис Трајковски вечерва се одржа во Националната опера и балет (НОБ).
„На форумот на лидерите на Атлантскиот совет рече, цитирам: ‘Ниту една држава не може да опстане доколку нејзините граѓани не ја сакаат и не ја почитуваат’. Македонија опстана бидејќи граѓаните веруваа во неа“,
рече актуелниот претседател.
Осврнувајќи се ликот и делото на претседателот Трајковски и на неговата политичка парадигма, Пендаровски кој три години беше негов советник за национална безбедност рече дека многу од вредностите за кои се залагаше покојниот претседател се доведени во прашање.
„За жал 20 години подоцна ние се наоѓаме во нова длабока криза која не е воена туку вредносна. Многу од вредностите за кои се залагаше Трајковски се доведени во прашање. Многу шанси беа пропуштени, многу време беше изгубено, европските интеграции се заглавени, а реформите успорени. Имаме партизација на инстиуциите, етнизација на политиката и поделби по речиси секоја основа – граѓанска, етничка, политичка, генерациска. Раширената корупција ја обезвреднува правдата, го парализира системот, го шири цинизмот, им ја одзема перспективата на младите и ја празни државата“,
рече Пендаровски.
Многу пати, посочи тој, се прашува „што би рекол Борис за сето ова и како тој би постапил во овие услови“.
„И постојано се навраќам на неговата верба во македонските граѓани кога велеше ‘сите заедно ќе го направиме она што историјата, но уште повеќе иднината, го бараат од нас’“,
рече Пендаровски.
Последниот документ кој Трајковски како претседател го потпиша со тогашниот премиер Бранко Црвенковски, потсети шефот на државата, беше барањето на Република Македонија за членство во Европската Унија.
За него, посочи Пендаровски, тоа беше приоритет над приоритетите, свесен дека евроинтергацијата е потфат што надминува еден мандат.
„Дека целта не се постигнува само со формално усвојување на европското законодавство, туку со прифаќање на европските вредности, со промена на менталитетот на луѓето, со јакнење на граѓанскиот сектор, со независно и ефикасно судство, со функционални и отчетни институции, со владеење на правото. Со ставање на општото добро и на јавниот интерес пред личните и партиските интереси. Тоа писмо до Европската Унија е политичкиот тестамент на Борис Трајковски, меѓутоа, реализацијата на таа цел е задача на нашата генерација од која зависи дали, како што велеше ‘ќе одиме по патот на напредокот или ќе продолжиме со навиката да го крпиме животот од денес до утре, да чекаме проблемите да се решаваат сами или да ни ги решава некој друг’“,
рече Пендаровски во неговиот говор.
Под диригентската палка на Иван Еминовиќ на комеморативниот концерт по повод 20-годишнината од смртта на претседателот Трајковски во Националната опера и балет настапија солисти, хорот и оркестарот на НОБ, а на програмата беа фрагменти од Моцартовиот „Реквием“ и од оперите „Лидија од Македонија“, „Кавалерија рустикана“ и „Травијата“, пренесува ТВ Телма.
На 26 февруари 2004 година во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.