МНР на Бугарија: НЕМА НОВИ УСЛОВИ ЗА ЧЛЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ!

Во врска со многуте прашања, Министерството за надворешни работи на Бугарија изрази став за европскиот пат на Република Македонија.

„Република Бугарија сака да потсети на следново:

Основен принцип на меѓународното право е Pacta sunt servanda. Договорите мора да се спроведуваат, без разлика дали се мултилатерални или билатерални. Неспроведувањето на потпишаните договори ја поткопува довербата, конзистентноста и предвидливоста во односите меѓу државите и предизвикува одмазда. Од нашите пријатели во Македонија секогаш очекувавме совесно исполнување на сите преземени обврски, а не обиди да се толкува дали процесот на европска интеграција бара нивно исполнување.

Патот на Македонија кон членството во ЕУ има јасно дефинирани параметри. Неодговорно и контрапродуктивно е да се нарушува тешката и деликатна рамнотежа со несоодветни и тенденциозни толкувања кои отстапуваат од критериумите јасно утврдени од Советот на ЕУ за оваа работа. Посебно опасни се обидите манипулативно да се претстават веќе договорените и опишани во компромисот од 2022 година како некои нови барања на Република Бугарија.

Преговарачката рамка, која според одлуката на Советот на ЕУ ќе и биде предадена на Македонија по завршувањето на фазата на отворање на преговорите, експлицитно ги утврдува принципите што ќе ги дефинираат преговорите за членство. Во точката 5 се нагласува дека напредокот на земјата апликант ќе се мери според јасно дефинирани услови, меѓу кои се критериумите од Копенхаген, Процесот за стабилизација и асоцијација и „… Посветеноста на Македонија за добрососедски односи и поблиска регионална соработка, вклучително и преку постигнување на опипливи резултати и совесно спроведување на билатералните договори, вклучително и […] Договорот за добрососедски односи со Република Бугарија од 2017 година, како и годишните прегледи и мерки за негово ефикасно спроведување согласно чл. 12 од овој договор“.

Бугарија нема нови услови кон Македонија. Напротив, таа искрено сака да го види својот сосед како напредува кон полноправно членство, преку успеси во реформскиот процес и напорите за градење добрососедски односи. Го очекуваме првиот чекор во овој процес, согласно обврските потпишани од Скопје во јули 2022 година – „… стапување во сила на измените на Уставот на Македонија за оние нејзини граѓани кои живеат на територијата на оваа земја и се дел од други народи, како што е бугарскиот народ, според внатрешните процедури, вклучително и преку уставен закон за нивно спроведување“.

Во врска со ескалацијата на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во Македонија и злосторството од омраза извршено врз г-дин Христијан Пендиков, потсетуваме дека вториот осомничен напаѓач се уште не е уапсен и успешно бега од правдата, а првоосомничениот напаѓач го спречува спроведувањето на судските рочишта и побара да му биде вратен меѓународниот пасош. Во оваа смисла, институциите во Македонија допрва треба да ја докажат сериозноста со која ќе ги гонат злосторствата од омраза врз Бугарите во соседната земја“. – велат од МНР на Бугарија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.