МНР потврди дека една македонска државјанка е загината, а уште две се повредени во денешната сообраќајка во Грција

Во сообраќајката, додаваат од МНР, во возилото со сега починатата, како сопатнички биле уште три македонски државјанки, од кои две се здобиле со тешки телесни повреди и се хоспитализирани, додека третата поминала без повреди

ФОТО: Принтскрин од видео објавено на Јутјуб

Министерството за надворешни работи (МНР) ја потврди информацијата дека денеска во сообраќајна несреќа на автопат во близина на Солун во Грција е загината македонска државјанка.

Според информациите од МНР, станува збор за лицето М. Н., која е родена 1995 година.

Во сообраќајката, додаваат од МНР, во возилото со сега починатата, како сопатнички биле уште три македонски државјанки, од кои две, А. К. и М. Р., се родени во 2000 година, додека третата девојка, И. Ј., е родена 1999 година.

Од МНР велат дека во несреќата двете 24-годишни девојки се здобиле со тешки телесни повреди и се хоспитализирани, додека И. Ј. не била повредена.

Претставниците на Генералниот конзулат на Северна Македонија во Солун, како што информираат од МНР, по несреќата се во контакт со блиски роднини на жртвата и остануваат на располагање за асистенција во врска со преносот на останките на починатата во земјата.

Исто така, додаваат оттаму, Генералниот конзулат останува во постојана комуникација со надлежните институции и на располагање на повредените наши државјанки и нивните семејства при евентуална потреба за помош, до нивното враќање дома.

Грчките медиуми денеска пренесоа дека тешката сообраќајна несреќа со смртни последици се случила на патот Игнација меѓу Верија и Солун денеска околу пладне, кога дошло до судар на две возила на еден од излезите од автопатот.

Според пишувањата, во несреќата со полесни повреди се здобил и 74-годишен маж, кој бил возач на другиот автомобил. 

Од видеото објавено на Јутјуб може да се види дека за спасувањето на девојките била потребна интервенција на Противпожарната служба, чии припадници со машина за сечење ги пресекле вратите на возилото и ги извлекле лицата од автомобилот.

Сообраќајната полиција на Верија ги истражува причините за несреќата.

Пронајдете не на следниве мрежи: