„Дури и да не може, знаете ли каков голем чекор плус ќе биде слободно да разговараме“, вели Билјана Ванковска, кандидатка на Левица за претседателка на државата
Кандидатката на Левица за претседалка на државата, Билјана Ванковска, во емисијата „360 степени“ на МРТ 1, одговараше на прашања на тема – нов граѓански устав, една од заложбите во нејзината предизборна програма.
Иницијатива за донесување нов устав ја темели на народен и политички консензус за, како што вели, ставање крај на бинационалната држава и на процесот на федерализација.
„Не велам дека сè што нудам е лесно, апсолутно, сè што нудам е тешко. И го нудам затоа што е тешко и затоа што никој од моите противкандидати не се ни осмелува да го допре. Сите тие се за некакви реформи, амандманчиња, затоа велам се вртат во круг. Дури Силјановска веќе ни Преспа не ја споменува во своите говори, а во 2019 година тоа беше лајтмотив и важна тема. За пет години исчезнала“,
вели Ванковска.
Таа смета дека не треба да има табу-теми, иако е свесна дека е потребно двотретинско мнозинство во Собранието за да помине иницијатива за промена на највисокиот правен акт во државата.
„Тоа го замислувам како нудење јавност на еден изграден концепт, кој нема сама да го пишувам, се разбира, не сум јас тип да октроирам устав, туку да направиме јавна дебата, затоа што овој Устав има многу фалинки, не е само Рамковниот договор и амандманите“,
вели Ванковска.
На прашањето колку ваквата идеја може да се оствари ако се има предвид дека актуелниот устав е резултат на Рамковниот договор потпишан по етничкиот конфликт во 2001 година, Ванковска одговара:
„Дури и да не може, знаете ли каков голем чекор плус ќе биде слободно да разговараме?! И сега пак да се вратам на оној етничкиот Македонец кој не се прашува, еве јас сум во комуникација со сите, ми приоѓаат луѓе од сите заедници, од оџа кој ме благословува среде Струга, значи неочекувани средби доживувам, не ме примаат како непријател или како некој што ќе го наруши ова статус кво. Револуционерен чин е говорењето на вистината и отворањето на тие теми кои од страв не ги отвораме. Зошто да ги сметаме Албанците за ратоборен народ? Тоа се овие елити кои мислам дека го злоупотребуваат и наследството на УЧК, чизмите на таван, мислам дека нештата се сменети, албанските деца се иселија исто како и македонските“.
Билјана Ванковска е една од седумтемина кандидати за шеф на државата. Одмерувањето на силите e закажано за 24 април. Вториот круг, пак, во кој ќе продолжат само двајца, е на 8 мај.