Може ли да се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 во училиштата со над 1.500 ученици, или со 3 смени?

Некои директори се на став дека властите би можеле да размислат за воведување на германскиот модел, според кој половина од децата во едно одделение одат на училиште, додека другата половина се дома, за ако има едно заразено дете, во изолација да оди само половина клас
Како да се запази физичка дистанца во паралелка во која има 30 ученици? Ова прашање се наметнува по сè погласните најави на надлежните дека наставата од 1 септември ќе се одвива целосно или делумно во училиштата. Организацијата ќе биде реален проблем во сите училишта во кои ќе треба да се воведе учење во смени, но, сепак, најмногу главоболки ќе имаат раководствата на големите училишта, во кои има повеќе од 1.500 ученици и во кои веќе се учи во смени. Во некои и во три.
Во Македонија има повеќе училишта во кои учат огромен број ученици. Има големи паралелки, во кои ќе биде проблем да се запази потребната физичка дистанца меѓу учениците од 1 септември, кога ќе почне новата учебна година.


„Лазо Ангеловски“ во населбата Ново Лисиче е едно од училиштата со голем број ученици. Овде учат околу 1.500 основци од прво до деветто одделение. Училиштето со децении функционира во 3 смени. Наставата почнува во 8 часот наутро, а завршува во 18 часот.
– Не знаеме како ќе се реши овој проблем. Да имавме две смени, па да воведевме уште една или две, можеби ќе се решеше. Но, кај нас веќе се оди во школо во три смени. Ние на големо се подготвуваме за онлајн-настава од 1 септември, иако чекаме официјална одлука од Министерството за образование и наука (МОН). Ќе ги следиме препораките на Комисијата за заразни болести и на МОН. Лесно им е на училиштата со 300 или 500 ученици, ние имаме 20 паралелки од прво до трето одделение, како и целодневни, дневни престои. Овде има 130 вработени, ова е огромна воспитно-образовна установа и навистина не знам како би функционирале – велат од раководството во училиштето.
Основното училиште „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари е најголемото училиште во државата со 2.047 ученици во сите одделенија, од прво до деветто. Иако официјалните бројки сè уште се чекаат, годинава таму ќе учат првачиња во дури 12 паралелки.


– Кај нас децата одат во училиште во две смени. Сè уште немаме официјална информација за тоа како ќе се организира наставата од 1 септември, ни рекоа дека на 10 август ќе се знае. Ако часовите се скратени на 30 минути, би можеле да се организираме во три смени, би можело да се функционира така. Инаку, ние сме единственото училиште во државата во кое имаше вистинска онлајн-настава со распоред на часови од понеделник до петок. Од прво до девето одделение 114 наставници секој ден одржуваа часови на „Зум“. Имавме и платформа за самоучење каде што наставниците ставаа материјали – вели Алвин Салимовски, директор на училиштето.
Тој објаснува дека еден од главните проблеми со кои се соочиле е тоа што околу 800 деца немале паметен уред за да следат настава онлајн. Ако тоа остане како проблем и од септември, ќе мора да се решава.
– Тука спаѓаа и повеќедетни семејства во кои има повеќе ученици, а имаат само еден уред. Им пишав на многу амбасади во нашата земја, аплицирав на повици, успеав да обезбедам 270 лаптопи. Ни фалат уште, но се надевам дека државата ќе ги обезбеди – вели Сaлимовски.
Според него, може да се размисли за германскиот модел, според кој половина од децата во едно одделение одат на училиште, додека другата половина се дома, за ако има едно заразено дете, во изолација да оди само половина клас.
Од 1 септември учениците ќе се вратат во училишните клупи. На 10 август Комисијата за заштита од заразни болести ќе донесе конечна одлука за тоа кој модел на настава ќе се применува од 1 септември.
„Деца.мк“ пред извесно време објави дека МОН подготвува неколку сценарија во новата учебна година со цел да обезбеди поголема заштита од ширење на Ковид-19 меѓу учениците. Меѓу другото, се размислува зимскиот распуст да трае три месеци, а наместо 180 наставни дена, да се реализираат 100.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.