Можна ли се кусоци на јајца за Велигден?!

акедонските живинари предупредуваат дека недостигот на јајца на европскиот пазар би можел да се прелее и кај нас, особено пред Велигден. Зголемената побарувачка за извоз, пред сè кон земјите од соседството, создава притисок врз домашниот пазар, а дополнителен проблем е што цената на јајцата е замрзната до 30 април, додека цената на добиточната храна, како пченката, расте.

Големите трговски синџири од регионот бараат јајца дури и без соодветна стандардизација, а Србија, која традиционално снабдува со јајца, сега има повисоки цени од Македонија. Живинарите велат дека претходните години се соочувале со вишок јајца за време на постите, додека оваа година ситуацијата е обратна – побарувачката расте, а понудата се намалува.

Во 2023 година, сличната ситуација ја натера Владата да го ограничи извозот и да ја замрзне цената на јајцата, со цел да се заштити домашниот пазар. Македонија тогаш извезе јајца во вредност од 4,08 милиони долари, главно кон Грција, Кипар, Унгарија, Србија и Хрватска. Оваа година, производителите предупредуваат дека ако побарувачката продолжи со сегашното темпо, може да дојде до недостиг токму во периодот на велигденските празници.

Иако цените се замрзнати, живинарите велат дека најголемиот проблем не е само нивната заработка, туку и тоа што пченката станува сè поскапа и потешко достапна, што директно влијае врз производството. „Ќе има бои за Велигден, но дали ќе има доволно јајца за вапсување, останува неизвесно“, предупредуваат од индустријата.

Цената на јајцата во Европската Унија во јануари достигна 249,59 евра за 100 килограми, што претставува зголемување од 10,3% во однос на истиот период од 2024 година. Во Хрватска просечната цена изнесува 242,96 евра, што е годишен пад од 7,7%. Ширењето на птичјиот грип во Европа и пошироко, вклучително и во САД, предизвикува сериозни нарушувања во живинарскиот сектор. Оваа болест, присутна од 2022 година, продолжува да предизвикува проблеми во Италија, Полска, Франција, Португалија, Германија, Велика Британија и други земји.

Извор: Рацин

Пронајдете не на следниве мрежи:

©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.