МОН и Владата го зголемуваат бројот на ученички стипендии кои ќе се доделат годинава

На иницијатива на Министерството за образование и наука, а со одлука на вчерашната владина седница, бројот на стипендии кои се доделуваат на учениците од средните училишта во учебната 2022-2023 година значително се зголемува.

Од МОН информираат дека се обезбедени дополнително средства за оваа намена, а целта е да се мотивираат и да се поддржи образованието на што поголем број средношколци кои аплицираа на конкурсите за доделување на стипендиите.

-Согласно одлуката, бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од предвидените 900, се зголемува на 1318. Наместо 120 стипендии за ученици со посебни потреби, ќе бидат доделени 168. Вкупно 167 стипендии ќе се доделат на талентирани ученици – спортисти, односно 17 повеќе од првично предвидените. За талентираните ученици од областите на природните и техничките науки ќе се доделат 115, наместо како што беше првично предвидено да се доделат 100, додека за учениците кои реализираат наставни програми од дефицитарни струки наместо 240, ќе се доделат 267 стипендии, се наведува во соопштението од МОН.

Министерството за образование и наука известува дека веднаш по излегувањето на Одлуката во Службен весник, на веб страната www.mon.gov.mk ќе бидат објавени и резултатите за сите категории на стипендии согласно новите квоти, a учениците ќе добијат насоки за понатамошно постапување.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.