МОРА ДА ИМА ТЕРМИНИ ЗА ИСПРАШУВАЊЕ ВО УЧИЛНИЦА: Проверката на знаењето ќе биде еден на еден, порачуваат наставниците

Низа недоречености останаа во однос на почетокот на новата учебна година. И наставниците и родителите имаат безброј прашања на кои досега не добија одговори, но реакциите и револтот кај голем дел од нив не стивнуваат по вчерашната одлука само децата од 1 до 3 одделение со физичко присуство да следат настава во училиште, а поголемите ученици да учат онлајн. Допочнително, родителите на најмалите ќе имаат избор дали нивното дете ќе остане дома да следи настава онлајн или ќе оди во училиште
Фактор поразговара и со наставници и со родители од спротивставените табори, за кои заедничко е дека се уште е голема енигма како ќе профункционира учебната година и каков кавлитет на образование ќе добијат учениците. Велат и дека дефинитивно непослушноста и недисциплината на најголемиот број граѓани во земјава доведоа до состојба Македонија и во текот на летото да биде кризна држава во која епидемијата не стивнува, што беше пресудно да се донесе ваква одлука.


-Направивме веќе анкета и до сега се пријавија родители на 18 деца дека наставата ќе ја следат во училиште, максималниот број е 20. Но и за еден ученик ние мора да бидеме присутни и да предаваме и тоа е навистина добро зошто се плашевме дека поради тоа што имаат избор, може да се случи и никој да не се пријави да доаѓа во училиште. Сметам дека е добро што барем ние ќе влеземе во училиштето кое е празно цели шест месеци, бидејќи во години кога сме најпродуктивни не е во ред седиме дома. Наставниците работат со жива материја, ние не сме компјутерџии па цел ден да програмираме и да сме пред екраните. Моите ученици сега ќе бидат второ одделение, а тука се поставуваат основите на образованието, се учат буквите, броевите…И првото одделение има своја посебна специфика кога децата прв пат ососзнаваат што се обврски, училиште, наставници, социјализација, меѓусебно почитување, но велам во второ веќе почнува вистински образовниот процес. За оние кои нема да доаѓаат на училиште ќе ја користиме платформата ЗУМ, па практично се што сме предавале во улилница ќе го предадеме и на малите кои се дома. Би сакала да истакнам дека нив ќе мора некој да им помогне во однос на ракување со новите технологии и во ниту еден момент нема да биде исто да се совлада материјата како за децата кои ќе бидат физички присутни. Затоа, добро би било по завршување на наставата која ќе трае практично од 8 до 11 да се договараме со родителите да ги носат децата да ги испрашаме, да видиме како го совладуваат матерјалот, да им дообјасниме. Тоа би било работа еден на еден, или во група по две-три деца, нема зошто да се плашат кога сите мерки ќе бидат запазени. Нашето работно време не завршува на пладне, вели за Фактор оделенска наставничка во едно од скопските училишта која сакаше да остане анонимна.
Наставниците пак на вишите одделенија не го кријат револтот и нервозата и нагласуваат дека во целава оваа ситуација се дискриминирани. Сметаат дека избор требаше да се остави и за поголемите ученици.


-Свесни сме дека дел не сакаат да одат во школо, но има и многу кои пак не сакаат да седат дома и да учат онлајн, за што би рекла дека и не сме целосно спремни. Никој се уште не ни кажува како тоа ќе се одвива. Ќе бидеме ли во училница, па оттаму да предаваме, до сега имаве многу лошо искуство, пагаше системот на платформите што беа изготвени од Бирото за развој на образовабието, вистински хаос се случуваше. Освен тоа, дури ¾ од наставниот кадар едноставно не е во чекор со новите технологии, нема обуки и навистина има многу, многу недорешености. Кој знае на што ќе личи сето тоа, главно е дека нема да има квалитетно образование. Никој не може од дома да совлада хемија, физика, математика, странски јазик. Ќе се обидеме да ни дозволат барем на некои од учениците кои сакаат дообјаснување на материјалот во одреден термин да дојдат, се разбира дали во група или сам по сам, за да биде безбедно по здравјето на учениците, потенцира наставничка по француски јазик во едно од средните училишта во Скопје.
Што се однесува пак до родителите, едните велат дека им е целосно скратена радоста на средношколците и учениците од вишите одделенија кои сакаат да одат во училиште, а кои цело лето и сите овие месеци поминати дома едвај чекаат да се видат со своите другари и другарки, и наставници, а другите пак истакуваат дека здравјето е поважно од науката.
-Мојата ќерка треба да биде прва година, целиот период најдисциплинирано ги почитуваше сите мерки, не бевме никаде на одмор за да се заштитиме од корона вирусот, а дури и нејзините излегувања беа сведени на минумум, и тоа секогаш задолжително со маска и постојана дезинфекција. И сега еве, повторно дома пред комјутер. И самата вели дека голем дел од нејзините врсници се постојано на приватни журки, по паркови, кафулиња и дека не им се оди во школо. Разочараноста е огромна. Требаше и за нив да дадат можност да изберат помеѓу вистинско школо и компјутер, вели С.А од Скопје.
Дел од родителите се закануваат дека ќе го исклучат интернетот, бидејќи и онака за нови комјутери, лап топи немаат можност да купат, особено и поради фактот што дома имаат и средношколец и ученик од 8 одделение.
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ одлучи итно да состави стручно тело за изнаоѓање решенија за администрирање на образованието во претстојната учебна година. Во секој случај наставата треба да започне онака како што е одлучено, а во наредниот период во дел од училиштата течат обуки за наставниците да предаваат онлајн. Останува само дилемата, како што и самите велат, какво образование ќе добијат овие генерации кои ја живеат корона кризата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.