Поранешниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и добитник на Нобеловата награда за мир, Мохамед Ел Барадеи, упати итен апел до владите на заливските земји, Обединетите нации и светските лидери.
Тој бара итна интервенција пред да истече ултиматумот што американскиот претседател Доналд Трамп му го постави на Иран.
Во серија објави на социјалните мрежи, Ел Барадеи предупреди дека агресивниот став на американскиот претседател може да предизвика катастрофален регионален конфликт.
„Ве молам, уште еднаш, направете сè што е во ваша моќ пред овој лудак да го претвори регионот во огнена топка“, напиша Ел Барадеи на платформата „Икс“, нагласувајќи го стравот дека дипломатијата е пред целосен колапс.
Претседателот Доналд Трамп му постави рок на Техеран до 6 април или да потпише мировен договор под американски услови, или повторно да го отвори Ормутскиот теснец.
Во спротивно, тој најави воени дејствија со невидени размери.



