Мрачно предупредување: На цивилизацијата и се заканува исчезнување!

Дејвид Атенбороу (92) еден од најпознатите истражувачи и љубители на природата, кого често сме го гледале во бројни документарци, сериозно е загрижен за иднината на нашата планета. Тој, во досега најдраматичната изјава, предупредува дека светот се соочува со неповратна штета која би можела да доведе до колапс на цивилизацијата.
– Но, надеж се уште постои, но само ако човештвото преземе драматичи акции, изјави тој а пренесе Би-Би-Си.
Тој истакна дека за 20 години, откако зборува за влијанието на климатските промени на нашиот свет, работите се промениле многу побрзо отколку што тој очекувал дека ќе се случат.
– Можеби звучи застрашувачки, но научните докази говорат дека ќе се соочиме  со неповратни последици од нашето загадување на Земјата, ако итно не преземеме радикални мерки, порача Атенбороу во својата најнова емисија на Би-Би-Си.
Тој собрал изјави на бројни водечки научници кои истакнуваат дека температурите се зголемуваат неверојатно брзо, па светот денес е барем за еден степен Целзиусов потопол отколку во претходната ера на индустриската револуција.
За да ги поткрепи овие радикални тврдења, Атенбороу ги “зачинил“ со потресни призори од луѓе кои бегаат од шумски пожари во САД, вклучувајќи и сцена на татко кој со својот син едвај ги спасиле голите животи за време на возењето низ пламен пекол. И за тоа е виновно глобалното затоплување, сметаат научниците, затоа што тоа придонесува за се посува клима, која предизвикува избивање на незапирливи шумски пожари од огромни размери. Уште сега е јасно дека некои промени кои и се случиле на нашата планета се неповратни.
Сер Дејвид Атенбороу наведува дека катастрофалната иднина би можеле да ја избегнеме доколку почнеме подобро да ги разбираме заканите со кои се соочуваме.
Тој порачува дека човештвото со крупни чекори оди напред во развојот на обновените извори на енергија, додавајќи дека изворите на енергија како што се ветерниците денес се подеднакво евтини и достапни како и фосилните горива. Но, истакнува тој, политичарите мораат да бидат храбри и одлучни, ако сакаме да го избегнеме “самракот на цивилизацијата“.

 

 

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.