Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, кој е во македонската делегација која присуствува на Генералното собрание на ОН во Њујорк во интервју за МИА говори за соработката и односите со САД. Во периодот од формирањето на новата администрација на претседателот Трамп, вели, ние имаме засилени односи и постојана комуникација на сите нивоа кои и се потребни на државата да ги реализира своите цели. Говори и за средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио, и други високи државни претставници, при што потенцира оти тоа е значајно од билатерална гледна точка за нас, затоа што, како што нагласува, стратешкото партнерство и неговата иднина поврзана со конкретните проекти кои што веќе се договорени и тие што се договараат се суштински значајни за долгорочната и политичка и економска безбедност и стабилност на нашата држава.
Во интервјуто Муцунски се осврнува и на евроинтеграциите и во тој контекст односите со Бугарија. -Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не и обезбедува предвидливост. Затоа за нас е значајно во сите разговори кои што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на ЕУ – вели во интервјуто Муцунски.
Според него, дали тоа ќе значи вклученост на поединечни земји членки, дали ќе значи вклученост на европските институции, битно е да има минимум уште една страна во тој процес, што, како што вели, ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата, која недостига.
Министре, главна тема во Македонија е средбата со државниот секретар Марко Рубио, а потоа и официјалната средба со целото раководство на Стејт Департментот – вториот, третиот и четвртиот човек задолжени за Европа и за Балканот. Како функционира тој однос меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави?
Веројатно тоа што целата наша јавност сведочи е дека во перидот од формирањето на новата администрација на претседателот Трамп ние имаме засилени односи и постојана комуникација на сите нивоа кои и се потребни на државата да ги реализира своите цели. Таа соработка во фундаментот е поврзана со американскиот Стејт Депармент бидејќи таму се реализираат американските надворешно-политички приоритети. Исто така имавме одлична соработка и со трговскиот претставник на САД, со секретарот за трговија господинот Латник. Така да такви средби имало во голема мера, ќе продолжиме да ги остваруваме таквите средби. И тоа што мислам дека и е јасно на целата нашата јавност е дека независно од тоа што се ние мала држава и по територија и по население – го добиваме заслуженото внимание во Вашингтон. Тоа се гледа и по политичката комуникација, но и по посветеноста на САД поврзано за реализација на конкретни проекти од заемен интерес во нашата држава и тоа што е значајно во мултилатералниот свет. Многу е важно што имавме можност да се видиме со државниот секретар Рубио, со заменик државниот секретар Лендау, како што кажавте вие со целото раководство на американскиот Стејт Депармент. Тоа е значајно од билатерална гледна точка за нас. Затоа што стратешкото партнерство и иднината на стратешкото партнерство поврзано со конкретните проекти кои што веќе ги имаме договорено и тие што ги договараме се суштински значајни за долгорочната и политичка и економска безбедност и стабилност на нашата држава. Јас морам тука да ја искористам приликата да кажам дека со зачудување го гледам начинот на кој што нашата главна опозициска партија ги коментира таквите средби. Бидејќи на крајот на денот можноста државниот секретар Рубио, заменик државниот секретар Лендау, да не препознаат како еден од клучните партнери на САД, да имаме таква динамика на средби, тоа е во интерес на целата држава – не е во интерес само на една Влада, но тоа говори веројатно за нивната политичка кратковидост.
Можете да наведете конкретни примери на проекти кои се реализираат заедно со САД?
Еден клучен конкретен пример е тоа што бевме меѓу првите држави во Европа кои најдоа заедничка рамка поврзано со трговијата. И тоа значително влијаеше на нашиот извоз кон Соединетите Американски Држави, односно на реализирање на потребите на тие наши компании кои се извозно ориентирани, а примарен пазар им е пазарот во САД. Зборуваме за конкретна соработка со ДФЦ поврзана со потенцијалот за ископ на антимон, но и со фактот што во моментот со ДФЦ разговараме за повеќе конкретни проекти поврзани со економијата. Реализацијата на стратешкиот дијалог кој што обезбеди конкретна поддршка во соработката во одбранбениот сектор, во соработката во борбата против тероризмот и справувањето со илегалната миграција, во соработката во делот на културата – тие се конкретни проекти кои што во голема мера се одвиваат на територијата на нашата држава. Бидејќи сите ние добро знаеме дека САД во рамките на оваа администрација направи предимензионирање на начинот на кој што ги реализира своите надворешно-политички приоритети. Веќе не е во преден план УСАИД туку во преден план се институции како што е ДФЦ и други институции кои што на располагање ги има американскиот Стејт Департмент.
Во фокусот беа и односите со ЕУ. Претседателот на Владата најави можно вклучување на европски претставник во разговорите со Бугарија?
Знаеме дека нашите надворешно-политички приоритети, што јас прилично често го повторувам, се базирани на три постулати. Тоа е нашето членство во НАТО, нашето стратешко партнерство со САД и нашиот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Ниту една од овие варијабили не е повеќе или помалку битна, сите ги гледаме низ призмата на истото тежиште, и токму затоа, кога сме присутни тука на Генералното Собрание на ОН ја користиме можноста што сме на американска територија да ја засилиме динамиката со американската администрација – природно, такви средби какви што имавме ќе продолжиме да имаме, но еднакво значајно е што тука се присутни сите светски лидери, сите лидери на Европската Унија и затоа ја користиме можноста за лобирање поврзано со нашите интереси апропо европските интеграции. Позициите кои што ние ги пренесуваме се апсолутно јасни, истакнати повеќе пати, а тоа е дека да, ние сакаме да тргнеме напред на патот кон Европската Унија, конечно да ја добиеме таа можност да ги отвориме преговорите, но, исто така не сме подготвени по било која цена да прифатиме компромис кој што на државата не и обезбедува предвидливост. Затоа за нас е значајно во сите разговори кои што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на ЕУ. Дали тоа ќе значи вклученост на поединечни земји членки, дали ќе значи вклученост на европските институции, битно е да има минимум уште една страна во тој процес, што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата. Затоа што како што има нагласено повеќе пати претседателот на Владата во моментов меѓу нас и Бугарија фундаментално недостасува доверба.
Имавте можност за средби со бугарски претставници?
Официјални работни средби не сме имале. Секако, во рамките на овој настан повеќе пати на кратко се видовме со мојата колешка Велислава, но суштински работни разговори не сме имале.
Претседателот на Владата најави дека во октомври може да се очекува некакво конкретизирање на тој предлог на Германија и Франција од Тиват, но воедно даде и голема доза на резерва, бидејќи следат избори во Франција, Германија.
Очекувањето е дека на крајот на септември или почетокот на октомври ќе има веројатно некаква комуникација на Европската Унија поврзана со начинот на кој што таа ја гледа политиката на проширување во следниот период. Морам да кажам дека содржината на тој документ, посебно поврзана со постепената интеграција, барем тоа што го имаме како информација е дека содржината е прилично оптимистична. И ќе има позитивни елементи за сите земји и од регионот и за дел од земјите од источното партнерство. Но, тоа се само информации, да почекаме да видиме што ќе има во содржината на таков еден документ.
Вашата општа оценка за текот на посетата на Обединетите нации?
Ние продолжуваме, претседателот Мицкоски е на работен ручек со високата претставничка за надворешна и безбедноста на политика на ЕУ Каја Калас, во петок сме присутни на говорот на претседателот Мицкоски каде што очекувам да прати клучни пораки и за иднината на мултилатерализамот и каде ја гледаме позиционирано нашата држава и македонската надворешна политика во следниот период. Од таа гледна точка, до овој момент, ја сметам целата оваа посета која што имаше и билатерална и мултилатерална природа како навистина успешна, ефективна, со конкретни резултати и од политичка и од економски, трговски и безбедносна точка.
Надвор од односите со САД и Европската Унија, што би издвоиле од другите средби во рамките на ОН?
Имавме можност да излеземе малку надвор од таа конвенционална соработка. Тука се отвораат можности да се видиме со колеги кои што не ги гледаме постојано бидејќи често нашата дипломатска, економска и трговска активност е насочена кон Европа и кон САД. Јас имав можност да се сретнам со колегите од Кенија, една значајна и голема држава на територијата на Африка, да се сретнам со колешката од Монголија, да потпишам дипломатски односи со Тринидад и Тобаго на Карибите. Тие се прилики кои што ги имаме токму во овој формат, бидејќи нашето присуство е примарно фокусирано на поширокиот регион во кој што живееме. (МИА- Цветин ЧИЛИМАНОВ специјален известувач за МИА од Њујорк)



