Надлежните откриваат: Еве колку македонски државјани влегле и излегле од Македонија по прогласување на вонредната состојба

Од дежурната гранична служба на ГП Богородица за МИА информираат дека од воведувањето на вонредната состојба и затворањето на границата односно на протоколот за патување, преку ГП „Богородица“ излегле петнаесетина патници кои потпишале изјави дека дома нема да се враќаат 90 дена, а од Грција во Македонија влегле дваесетина наши граѓани кои потпишале изјава дека ќе одат во државен карантин.
Сообраќајните ленти за автомобили и автобуси на двете страни од границата со Грција се празни, а без пречки се одвива само транзитниот сообраќај со камиони.
Најфреквентниот ГП „Богородица“ не бил толку празен како денеска, барем не во пресрет на Велигденскиот викенд кога се редеа колони од возила во шест ленти долги и по неколку километри.
За Велигденските и првомајските продолжени викенди,изминатите години „Богородица“ во просек ја минувале по петнаесетина илјади патници на излез и влез во земјава, за разлика од денес кога рампите се спуштени.


– Минатата година за Велигден преку нашиот премин поминале вкупно 10.564 патници од кои 5.388 наши граѓани и 5.176 странци. На излез од земјава поминале 5.201 од кои 2.251 патник од земјава и 2.950 странци,а во земјава влегле 5.363 патници од кои 3.137 од нашата земја и 2.226 странци од кои најбројни биле нашите соседи од Грција, велат надлежните од граничната полиција, кои посочија дека границата се минувала за 10 до 15 минути во зависност од моментниот сообраќаен бран.
Пусто е и во градот Гевгелија, каде гостите од Грција беа секојдневни, најбројни и најчести гости во казината,рестораните и кафулињата.Сега се затворени сите казина и автомат клубовите,освен хотелот на казиното „Фламинго“, кој капацитетите за сместување ги понуди за користење државен карантин.
Затворени се и дваесетината стоматолошки ординации во Гевгелија,каде исто така многубројни беа гостите од Грција.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.