Минатата (2023 година) на поширокото гостиварско подрачје биле санкционирани 558 лица кои ги управувале возилата без положен возачки испит и валидна дозвола за тоа, претежно патнички моторни возила, но и товарни возила, како и возила-учесници во јавниот превоз на патници. Во јануари годинава пак биле фатени 29 лица зад волан без дозволи.
Покрај ова, во периодот за кој станува збор санкционирани се и 103 возачи почетници кои не се придржувале на законските ограничувања предвидени за оваа категорија учесници во сообраќајот.
„На оние кои управувале без возачка дозвола, согласно член 225 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, изготвени им се поднесоци со парични глоби од 250 евра во денарска противвредност, а 250 евра ќе треба да платат и сопствениците на возилата кои им ги дале на управување иако знаеле дека немаат положено возачки испит. Возачите-почетници, пак, ќе се соочат со глоба од 200 евра во денарска противвредност (член 277 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата).“, информира полицискиот портпарол, Марјан Јосифоски.
Лани, на поширокото тетовско подрачје вкупно било откриено и законски санкционирано 1671 лице што ги управувале возилата без валидна дозвола. Санкционирани биле и 288 возачи почетници.
Секторот за внатрешни работи Тетово повторно со апел до учесниците во сообраќајот да не седнуваат зад волан без положен возачки испит и добиена дозвола, зашто покрај санкциите со кои ќе се соочат, најдиректно ја доведуваат во ризик сопствената и безбедноста на другите возачи. Ова, посебно се однесува на оние кои вршат и јавен превоз на патници со патнички возила, минибуси или автобуси.
Најновата емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Гостин: д-р Агим Јакупи