Изборот, порача претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, е помеѓу оние кои ги штитат државните интереси и оние другите кои го саботираат напредокот на земјата
Наместо да се извинат за најсрамниот чин во историјата на македонската држава, 27 април 2017 година, кога организираа насилен бунт само да не ја предадат власта на оние кои ја добија довербата на граѓаните, денес дел од тие пратеници во својата изборна програма најавуваат амнестија на оние кои сакаа да убиваат пратеници.
Ова беше дел од пораките кои, меѓу другото, вечерва од митингот во Штип ги испрати актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, кој е поддржан од СДСМ и коалицијата.
„Дали е можно овие исти луѓе да водат поинаква политика ако бидат на власт. Не мора воопшто да нагаѓаме каква ќе биде нивната политика, затоа што знаеме многу добро што се случуваше во нивните 11 години. Таканаречените ‘патриоти’ не беа способни 11 години да направат попис, да се преброиме, да видиме колку сме и на крај од чисти македонски позиции ги повикаа граѓаните на бојкот, поради што 130 илјади македонци не се попишаа во земјата а кој знае уште колку во дијаспората“,
изјави Пендаровски од своето обраќање на митингот во Штип.
Изборот, порача претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ, е помеѓу оние кои ги штитат државните интереси и оние другите кои го саботираат напредокот на земјата. Дали, додаде Пендаровски, граѓаните да им дадат доверба на оние, како што ги нарече, т.н. патриоти или на оние кои на дело покажале оти знаат како да ги штитат државните интереси на Македонија.
„Треба добро да размислиме зашто истите политичари и истата партија, во опозиција, во 2001 година ја нудеа воената опција кога требаше да гинат некои други деца, а не нивните. Наместо договорот од Преспа, нудат негово поништување, и истите кои цело време велат ‘никогаш Северна’, немаат проблем пет години од Северна Македонија да земаат високи функционерски плати и да имаат привилегии како градоначалници и пратеници“,
рече Пендаровски.
Актуелниот претседател и претендент за втор мандат се осврна и на периодот од пред три години кога започнаа преговорите со Европската Унија и разговорите со официјална Софија за зачувување на македонскиот јазик и идентитет. Во овој контекст го спомена и отворањето на неколкуте бугарски клубови во земјава, со кои, како што рече, давајќи им провокативни називи, Софија правеше тешка навреда за македонската нација, јазик и идентитет.
„Ставот на главната опозициска прартија и нивниот лидер беше дека не може да постои бугарски клуб со името Цар Борис, а немаат ништо против со името Ванчо Михајлов затоа што тие сметаат дека се политички наследници на историскотото ВМРО. Што ќе рече дека денешниот нивни лидер е наследник на Ванчо Михајлов. Тој е најголемиот антикмакедонец, кој живееше 94 години и никогаш не спомна дека има македонски народ, нација и Македонци“,
порача Пендаровски.
Во своето обраќање пред штипјани, Пендаровски нагласи оти Македонија е можна само како просперитетна и демократска држава ако во живот ги одржуваа двата стратегиски континуитети, а тоа, како што рече, се евроатлантските интеграции и меѓуетничките односи.
Осврнувајќи се кон својот ангажман во поглед на евроатланските интеграции на земјава, Пендаровски кажа дека во 2018 година ги водел преговорите за членство во НАТО Алијансата од позиција на национален координатор на НАТО, ја поддржал европската преговарачка рамка со која земјава, како што рече, не само што ги отпочна преговорите туку и го позиционира македонскиот јазик меѓу еден од официјалните јазици на Унијата.
Поголем доказ од тоа дека ние ја штитиме македонштината нема, а тие работат против таа кауза“,
рече Пендаровски.