Направивме многу отстапки верувајќи на зборот на европските политичари, но тие не си го исполнија ветеното

Тој го повтори ставот на партијата дека нема да прифатат „диктат како овој сега од Бугарија“

Европската Унија треба да е јасна кон Македонија и да каже што треба да се направи, бидејќи Македонија направи големи жртви, изјави вечерва во интервју за МРТ1, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

„Мислам дека ЕУ треба да дојде и да каже што сака од Македонија и од овој народ. Македонија направи многу за европските вредности, сменивме многу работи. Се направија многу отстапки верувајќи на зборот на европските политичари. Но, факт е дека тие не си го исполнија ветеното, а тука се правеше се, македонските политичари прифатија се“,

рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Мицкоски, тој „непринципиелен однос“ треба да престане.

„Токму затоа ние велиме дека сме подготвени да седнеме и да разговараме за тоа што овој народ може да очекува, што може да се направи“,

рече Мицкоски.

Тој го повтори ставот на партијата дека нема да прифатат „диктат како овој сега од Бугарија“.

„Ние повеќе од две и пол децении откако го почнавме патот не сме почнале преговори“,

дециден беше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски зборуваше и за програмата на партијата за претстојните избори Платформа 1 198, која како што кажа, е основата на идното управување со државата кое ќе обезбеди надеж и промени. 

Зборуваше за предлогот да се промени бројот на пратеници од 120 на 90, потоа за промените што ги предлагаат за бројот на институциите и министерствата, како и за укинувањето на балансерот. 

„Од она што во јавноста не е познато, но еве сега сакам да го кажам, е тоа дека балансерот како алатка беше донесен со цел практично да имаме правилна застапеност во рамките на институциите, зборам на немнозинските етнички заедници и практично тој својата цел ја исполни. Денеска ако ги видите процентите ќе дојдете до овој заклучок дека имаме правилна односно правична застапеност во рамките на институциите од страна на немнозинските заедници“,

рече Мицкоски.

Балансерот, според него, сега претставува товар и предизвикува фрустрација кај луѓето. Потребно е создавање на општество во кое ќе се напредува по мерит систем и квалитетот на индивидуата, истакна Мицкоски.

Пронајдете не на следниве мрежи: