Насралах беше централен мотор на иранската оска на злото – порача Нетанјаху по смртта на лидерот на Хезболах и потврди оти Израел стои зад убиството

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го нарече лидерот на Хезболах „централен мотор“ на иранската „оска на злото“ и потврди дека Израел стои зад неговото убиство.

„Тој и неговиот народ беа креатори на планот за уништување на Израел“, рече израелскиот премиер.

Во својата прва јавна изјава по смртта на водачот на Хезболах, Хасан Насралах, Нетанјаху рече оти неговата „елиминација“ била суштинска за да се овозможи безбедно враќање на жителите на северот на Израел.

„Бидејќи сè додека Насралах е жив, брзо би ја вратил силата што му ја одзедовме на Хезболах. Затоа ја дадов директивата и тој повеќе не е со нас. Израел е на потег“, изјави израелскиот премиер.

Додаде дека со овој потег Израел ја „подмирил сметката“ со „масовниот убиец“ одговорен за убиствата на безброј Израелци и десетици американски и француски граѓани. Иако ги оцени за историска пресвртница, според Нетанјаху, „моќните удари“ на израелската војска врз Хезболах од оваа недела нема да бидат доволни.

„Граѓани на Израел, имаме големи достигнувања, но работата сè уште не е завршена. Во наредните денови ќе се соочиме со значајни предизвици, и заедно ќе се соочиме со нив“, додаде тој.

Нетанјаху го поврза атентатот со ситуацијата во Газа, тврдејќи дека Хамас ќе има поголема веројатност да ги ослободи израелските заложници ако види дека Хезболах е ослабен.

Пронајдете не на следниве мрежи: