Рускиот претседател Владимир Путин „не е заинтересиран за мир“, изјави денес генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, јавува агенцијата Анадолија.
Говорејќи на прес-конференција пред состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Брисел, Руте рече: „Тој (Путин) притиска, обидувајќи се да заземе поголема територија, затоа што мисли дека може да ја сруши одлучноста на Украина“.
„Украина влегува во уште една клучна зима. А руската агресија не покажува знаци на намалување. Токму спротивното, Путин ја засилува својата реторика и непромислените постапки“, додаде тој.
Според Руте, Путин ја користи Украина како „простор за тестирање на експериментални ракети и распоредува севернокорејски војници во оваа нелегитимна војна“.
Тој порача дека НАТО ќе продолжи силно да ја поддржува Украина.