Надреалните сцени од улиците низ Европските градови и спортски сали со крикови за Македонија не значат ништо друго освен самозалажување, наше. Тоа е како бескрајна погребна поворка на – себеси, на денешните ние, припадници на Македонскиот народ. Сцените се Хичкоковски, иако во темнината одозгора не се гледаат гарваните. Зарем уште не се свесни за сопствената фарса, објективна, сите тие, кои ја пеат современата погребна песна, како тажалки на сопствениот погреб, веќе закопани во мочуриштето на непостоечки колективни идентитети, барем за другите народи и државни системи, ширум светот?! Да, полесно е да се живее во илузии, фантазми, како начин за бегство од свирепото сега и ќорсокакот на перспективите за иднината.
Нема веќе ништо реално, објективно, Македонско после Нивици (Преспа), после Софија и Тирана, после тие „договори“ и платформата, и секое самозалажување, колку и да може барем за мигови да ја потисне свирепата Македонска реалност, остатоците на нашиот милениумски Македонски Ум, во еуфорија по победи во ракомет, не ја менува таа најреална реалност. Барем во очите на сите други на оваа планета, во свеста и односот на сите народи и држави во светот. А таму, во таа интерсубјективна реалност, ние сме некои други од самите себеси, од нашата самоидентификација, ние сме други – на себеси!
Ние, немаме веќе автентична историја, само наша, немаме автентична историска траекторија на колективен идентитет, што денес е услов, посебно во Балканската мрачна кафеана, да имаш своја држава. Со Нивици, нас ни го земаа Александар Македонски и историското знаме Сонцето, наспроти безброј цврсти начни аргументи и факти за континуитетот на нашиот развиток на оваа територија, која патем кажано, сосема очигледно името го добила токму од нас, Македонците, од луѓето што живееле на таа, оваа земја. Со договорот со Бугарија, ние се откажавме и од Самоил и од Кирил и Методиј, и од Илинденците, како изворен изблик на палимпсестите на Македонскиот историски идентитет, овозможувајќи ја со тоа операционализацијата на тиранската платформа и се поагресивните наративи дека ние сме дојденци, „дошљаци“ на оваа територија, која затоа и не е повеќе – наша.
Она што е умно е стварно, она што е стварно е умно, рече еднаш Хегел, како за нас, токму за нас, Македонскиот народ. Помалку важно е дали тоа технички и со безграничен волунтаризам го направи Сдсм или логистички беше овозможено од мицковистичкото Вмро Дпмне – тоа немаше да се случи ако имаше доволно сила кај Македонскиот народ да се бори против своето самопоништување. Да, тоа најново и најпоследно негирање ние самите си го направивме. Од оваа перспектива, после финалниот историски пораз, ние треба да си признаеме дека вината е во нас, онаа најголемата, суштинската, дека лажни биле надежите дека сме си поважни, и историски и како цврсти субјективни и колективни идентитети, од секојдневниот живот ориентиран кон миговни задоволства што повеќе и што полесно, од современиот конформистички менталитет на Македонскиот народ. Друите, не се такви, и тоа ни го покажаа, не победија.
Долгите години, а посебно последните агонични пет, ја демаскираа надежта дека постои битно несогласување помеѓу раководствата на политичките партии и нивните членови а потоа и продолжено кон сиот Македонски народ, со многу ретки исклучоци кај самосвесните Македонци како квинтесенција на трансисторискиот Македонизам. Таа, денес веќе ултимативно потврдена тотално погрешна теза, втемелена на метафизичка желба на историските наноси на Македонската актуелна самосвест, во старт повеќе насочена кон Вмро Дпмне, бидејќи Сдсм е нешто друго, партија која има поинаков структурен концепт за се и со тоа е просто дисквалификувана како одраз на Македонските потреби и интереси, претставува само апологија на бескрајната бесмислена надеж, наспроти редоследот на непобитни факти кои го демонстрираат континуитетот на Македонскиот пораз, од 2001 година со т.н. рамковен договор, до денес. И ако и јас самиот некогаш мислев, понесен од надежта, дека актуелното раководство на Вмро дпмне на чело со прочуениот асистент на својот сопствен татко, за разлика од трансцендентното ВМРО, делува спротивно на потребите и идеите, спротивно на соништата на своите членови и симпатизери, во предолгите години, месеци, денови и часови кога беше пасивен набљудувач, а понекогаш и активен соучесник, во траорниот процес на потпишување на договорите и нивна реализација, во својот нем молк а сепак со силата на митот за чувар на Македонското битие, денес веќе и таа болна вистина мора да ја признаеме, како уште еден пораз, дека ниту на нив не им е важно името, идентитетот, историјата, реалноста, барем не им е поважно од – власта како фотељи, функции, вработувања, пари. Конформизмот е бескрупулозен денес, до толку што тој ги победува и сите најсуштински одредници на нашето Македонско Јас. И затоа, грешев кога мислев дека Мицкоски и тие околу него се виновни за погрешниот концепт на политиката кон животот на Македонскиот народ денес – не, всушност, и другите таму, најголемиот број од нив, на нив, им е поважно да победат на избори за да бидат министри, директори, советници, парите денес значат повеќе од видливоста, реалната перцепција на Македонскиот народ од сите други на овој свет, кој денес, и утре, не гледаат како северни зомби, сушества без потекло и историја, без национална државотворност, конечно, и без своја животна територија, парче земја кое го имаат сите други народи на овој свет.
Таа најнова македонска шизофренија, таа поделеност на Македонското битие на желби и објективна реалност, тој болен расчекор меѓу она што бевме и сеуште мислиме дека сме и она што вистински реално сме, примерно изразена низ темните улици на Европските градови и спортски арени, со песните кои само во површното слушање се весели а во суштинското, она П. Слотердајковско, беа тажалки за Македонија и нашето изгубено Сонце, додека од темнината демнее северна и фактот дека со договорите од Нивици и Софија се поништи Македонскиот народ како колективен историски изграден идентитет, кој сега е сведен на апстрактната, безлична категорија „граѓани“, и со тоа индиректно соборувајќи го Македонскиот државен систем на ниво на обично граѓанско општество, е неподнослива, и допрва ќе биде тоа, кога ќе се амплифицира максимално. Дури, незамисливата официјална интерпретација од Н. Димитров во црното писмо, поцрно од гарваните на Е.А. По кои ѕиркаат од секаде, до Грците, каде се истакнува најексплицитно можно подзатскриениот но сепак еднозначен факт од договорот од Нивици дека „Македонско“ се однесува и реферира на државјанството а не на Македонскиот народ, која се повеќе се официјализира од другите држави, за што сведочат реални примери, дека нема веќе запишано Македонска националност/народ, ќе доведе до драматично самоосвестување на секој од нас, еден по еден, за свирепата вистина на најреалниот македонски пораз, но задоцнето, презадоцнето е веќе.
Волшебниот пеколен круг на Македонскиот погром, создаден со антимакедонските договори и бескрајно амплифицираната тиранска платформа, денес е затворен, и сите процеси се интензивираат, овозможуваат, токму од нив. Македонскиот народ, нема иднина повеќе, нема ниту денешност повеќе, како Македонски народ, се додека тие со сета сила дејствуваат во реалноста, користејќи го акумулираното значење на секој збор таму. И бесконечното замајување и бегање од себеси денес во пеење песни како реминисценција на силата на нашите прадедовци и нашата слабост, во песните кои одамна веќе ни се испеани за денес да потонеме во симулакрум на молкот на тажачките, нема да го измени не-гледањето наше, на Македонското во нас, од другите. И вистината – дека секое, макар и минимално поместување на една точка или барем запирка во договорите и платформата, секој обид дури и само како најава, ќе не судри со геополитиката на Балканот, и на крај, или на почеток, сеедно, со изворот – ЕУ и САД, ќе не судри со триумфот на победниците. Сите детски приказни кои, велат, им ги кажуваат низ штабовите на Вмро дпмне, дека сега не е време, дека не може директно да се оди против договорите, но дека отпосле тоа полека ќе се правело, некако, се илузија, лага, која сакаат да ја слушаат само неосвестените поразени Македонци, оние на кои им е побитно да бидат некои државни и јавни службеници со високи плати отколку да бидат – Македонски народ. Колку за утеха, макар и лажна, на својата нечиста совест, додека сеуште мафтаат со јавно забранетото знаме-Сонцето и пеат за Македонија, ако воопшто и тоа веќе го прават, оти комитски вечери веќе не прават. Останувањето во антимакедонскиот круг наречен ЕУ и САД примарно сфатени како она што практично отсекогаш биле за нас, доминантна послушност кон нивните политики, планови, визии, концепции за оваа територија, кои од 2001 година се во спротивност со нашите, Македонските, ќе значи само рециклирање на ѓубрето, тие нема да дозволат ништо против нивната насилно создадена реалност и замисли, и тоа важи за се, од некакви лажни, макар и да се случат, јалови обиди за ослободување на политичките затвореници со кои, кутрите тие, ги подложуваат на лаги само за да доползат преку нивните солзи и крв до функционерски фотељи, до автентични политики, македонски, во нерамномерниот економски развој на регионите на оваа територија, северна.
И песните се спасот, иако, само во своето јас, бидејќи, којзнае, може ние сме колективната реинкарнација на идејата на бискупот Џорџ Беркли за солипсизмот, за тоа дека, на крајот, конечно, постоиме само ние, дека другите не се битни како фидбек за нашата егзистенција, за нашите илузии, за фантазмагориите на секојдневниот живот невидлив за остатокот на другите во светот. Постоиме само ние, дури има и една таква песна, сме постоеле и ќе постоиме, да, и тоа ни е доволно, можеби, но само до мигот на извлекување и на Македонската земја од Македонските нозе кои ја газат, до мигот на доколвувањето на се Македонско одовде. Може и тогаш ќе постоиме, или како бегалци или како измеќари, но ќе постоиме, некако, сепак, иако постои и ѓубрето, но тоа нема самосвест, нема Јас, како што немаме ниту ние повеќе, тоа, ние, сме само предмети, објекти, не субјекти, не Македонски луѓе. Објективното ќе го сонуваме, себеси ќе се лажеме дека нашите сништа се најреалната реалност. Како што напиша Ефтим Клетников, во времињата кога со „Македонски манифест“ ја крстосувавме Македонија кажувајќи и предупредувајќи го народот за татнежите на пеколот кои и насетивме и некако наслушнавме, дури и како омаж за мојата борба за Македонија, во песната за мене, посветена на мене, нашето житно поле безмилосно се колве секој ден, и ноќ, и во темнина и при виделина, не колве нас, оти без тоа житно поле нашата Македонска душа – ќе умре. Умира секој ден, секоја ноќ, дури и кога се радуваме на спортски победи, барем за ништовен миг на заборав дека ништо сме, Македонци.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.