Баби или прабаби, за кого како. Често за нив размислуваме како отсекогаш делувале смирено, со благ поглед во очите и како никогаш не се жалеле.
Иако повеќето не сме биле сведоци кога тие најмногу работеле и најинтензивно живееле, сигурни сме дека не го познавале овој стрес со кои ние денес се среќаваме. Но, зошто е тоа така?
1. Бомбардирање со информации – Нашите претци воглавно живееле во време кога имало еден ТВ канал, неколку дневни весници, списанија без голотија, насилство и разни простаклаци. И да сакале, немале од каде да се информираат во секој момент за несреќите и ужасите на целата планета.
2. Добро утро, сосетке – Нивните извори за информации биле нивните сосетки, заедно со утринското кафе, коцкичка шеќер, слатко и вода. Понекогаш и со малку шлаг во кафето, а после гледање во шолјата. Комуницирале очи во очи, темите најчесто биле во врска со оние кои не дошле на кафе и опкружувањето. Да, и цените во продавниците, но биле заштитени од акции и намалување со лажни цени на оние производи кои биле до вчера, така што не се чувствувале како некој да им ги украл парите или како некој да ги измамил.
3. Не знаеле што немаат – Ним и малку им било доволно, не знаеле колку немаат, а поради тоа што индустријата во целиот свет била помалку развиена од оваа денес, не ни можеле да бидат полудени поради изобилство. Со децении купувале исти чорапи, пиеле од истото кафе. Немало како денес цели полици со различни видови на кекси, не морале после првото перење да шијат облека од познат бренд туку си имале сопствени кројачи, а и самите знаеле да си сошијат едноставни нешта.
4. Паѓале, но знаеле да станат – Како што им било нив, така им било и на останатите. Преживувале доста работи, но сепак преживеале. Од жалење не се добива ништо, а тие знаеле дека не смеат да потклекнат пред катастрофите и дека мораат да го градат животот повторно. Народот во минатите векови така и преживувал, после сите војни се издигнувал од пепелта со поглед кон иднината и работата.
5. Едноставноста на постоењето – Не биле учени, но немале проблем со тоа. Не знаеле дека можат да бидат повеќе од “обични” домаќинки, знаеле да шијат, везат, плетат, штиркаат, самите меселе и декорирале торти, приготвувале зимница… си наоѓале работа по цел ден без да имаат време да се нервираат и да размислуваат за смислата на животот. Живееле и растеле во природно опкружување кое го почитувале, знаеле да го искористат и не знаеле дека можат да “избегаат” од тоа. Живееле во градот, но градот не бил толку нервозен и некултурен како денес, знаеле дека во автобусот некој ќе им отстапи место, дека нема да ги туркаат на улица ако се бавни и дека некој ќе им помогне ако им се слоши.
6. Верувале во тоа дека оној кој работи нешто што не смее ќе биде казнет, дека оној кој работи не се плаши од глад, дека секого ќе го стигне неговата казна, но и дека пред нив е подобро утре. Неважно колку од овие верувања навистина биле реални, тие верувале во нив. Најлошо е кога човек ќе ги изгуби надежта и соништата.
7.Имале време – Не заглавувале со часови во сообраќајот, работеле и редовно биле платени за тоа, не биле пренатрупани со лоши вести. Имале време за неделен ручек и попладневно кафе или чај со колаче, а внуците им зборувале за играњето пред куќа, без зјапање во мобилните телефони.
8. Не знаеле за зборот стрес – Добро или лошо расположени, оделе понатаму. Ние денес имаме милион “оправдувања” за разните промени во нас и со нас и имаме поддршка за тие промени. Понекогаш и претеруваме со овие оправдувања, не одиме надвор кога е студено, продавницата и пазарот нѝ се далеку, немаме каде да паркираме, а тие не возеле автомобили ниту пак им било проблем да пешачат.