Најблиските соработници на Мицкоски пред две и пол години бараа прием кај мене, нека каже ако го интересира што бараа

Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ не откри за што точно разговарале и што побарале од него луѓето за кои рече дека се членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на средбата која ја имале пред две и пол години во неговиот кабинет

Актуелниот претседател на државата и кандидат за втор мандат, Стево Пендаровски, вечерва од митингот во скопска Гази Баба кажа дека најблиските соработници на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред две и пол години побарале средба со него, а тој ги примил во својот кабинет. Не откри за што точно разговарале и што побарале од него луѓето за кои рече дека се членови на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а дел од нив и меѓу највисоките носители на кандидатските листи за пратеници на претстојните избори.

Стево Пендаровски, актуелен шеф на државата и кандидат за втор мандат

Тој ова го кажа одговарајќи на прашања од граѓаните на митингот во Гази Баба, прашан дали има вистина во обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ оти неодамна во претседателската вила имало средба меѓу него и актуелни функционери од ДУИ, која, како што велат од опозициската партија, била во насока на разработка на сценарио за измени во Кривичниот законик за поширока амнестија за одредени случаи.

Ако тврди оти имало тајни средби, рече Пендаровски, не би било лошо Мицкоски да приложи барем еден доказ за тоа што се случувало, а не, како што додаде, да раскажува чаршиски муабети.

„Тајни средби кај мене немало, меѓутоа ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас можам него да го прашам дали го интересира кој сè барал прием кај мене и да му кажам датуми, имиња и презимиња затоа што се работи за неговите најблиски соработници од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ако го интересира, можам да му кажам што бараа од мене во таа насока. Некои од нив се и меѓу највисоките носители на пратеничките листи. Прво нека ми даде доказ за ова, ќе влеземе во дебата, па ако е мераклија за ова, да му кажам датуми имиња и презимиња. Неговите најблиски соработници пред две и пол години бараа прием кај мене, беа примени, јас ќе му кажам што точно разговаравме“,

рече Пендаровски одговарајќи на прашање од граѓанин на вечерашниот митинг во Гази Баба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред два дена од митингот во Бутел кажа дека актуелниот шеф на државата пред неколку месеци во претседателската вила имал средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и министрите од нејзините редови Артан Груби и Бујар Османи, како и со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на која, како што обвини, договарале сценарио за измени на Кривичниот законик кои предвидуваат поширока амнестија за одредени случаи, како и диригирани судски одлуки.

Пронајдете не на следниве мрежи: