Алексеј Навални, најистакнатиот руски опозициски политичар, се бори со силна стомачна болка во затворот што може да биде резултат на отров со бавно дејство, објави неговиот близок соработник Руслан Шавединов.
Руслан Шавединов вели дека минатата недела била повикана итна помош во казнената колонија ИК-6 во Мелехово, околу 250 километри источно од Москва, каде што е затворен Алексеј Навални.
„Неговата ситуација е критична, сите сме многу загрижени“, изјави Руслан Шавединов за весникот The Guardian додавајќи дека затворските власти одбиле да го примат Алексеј Навални во болница.
Руслан Шавединов вели дека нема ажурирања за здравствената состојба на Алексеј Навални откако пристигнала итната помош, бидејќи „затворските власти прават се што е можно за да го изолираат случајот од јавноста“.
Алексеј Навални комуницира со надворешниот свет преку своите адвокати. 46-годишникот одлежува вкупно 11 и пол години под обвинение за измама и непочитување на судот.
Загриженоста за здравјето на Алексеј Навални расте во последните месеци и доведе до тоа групи руски пратеници и доктори да напишат петиција под неговото полно име, барајќи тој да добие подобра медицинска нега во затворот.
Шавединов вели дека неговиот тим сега верува дека Навални полека се труе и може да почине.
„Нашата теорија е дека тие го убиваат постепено, користејќи отров со бавно дејство што се администрира преку храната“, вели тој.
„Можеби звучи како параноја, но по труењето со Новичок се чини сосема веродостојно. Ослабе 8 килограми за две недели, тоа никогаш не се случило и докторите не му кажуваат зошто има толку многу болки“, вели Шавединов.
Навални беше отруен со Новичок, нервен агенс од советско производство, на патување во Сибир во 2020 година. Тој беше на лекување во Берлин и го обвини Владимир Путин дека стои зад нападот.
Запрашан за тврдењата дека Навални можеби полека се труе, портпаролот на Владимир Путин, Дмитриј Песков, кажа дека Кремљ не го следи неговото здравје и дека тоа е работа на Федералната поправна служба.
Шавединов кажува дека затворските власти се обидуваат да го „скршат“ Навални со постојаното ставање во самица, или казнена ќелија, за мали прекршувања на затворските правила или без никакво објаснување.
„Од август, Навални поголемиот дел од времето го поминува во казнена ќелија“, тврди Шавединов.
„Во самица не можете да спиете правилно, нема пристап до затворската продавница за храна и тешко е да се пишува и чита писма поради лошото осветлување“, додаде тој.
Мари Струтерс, директорка на Амнести интернешенел за Источна и Централна Европа, изјави: „Руските затворски власти користат сурови методи што ги усовршуваа со текот на годините за да се обидат да го скршат духот на Алексеј Навални со тоа што ќе го направат неговото постоење во казнената колонија неподносливо, понижувачко и дехуманизирачко“.
Пронајдете не на следниве мрежи: