Еден од најефикасните начини за зајакнување на вашиот имунолошки систем е да внесувате минерали и витамини, особено за време на сезоната на настинки и грип. Затоа е важно да внесувате доволно цинк.
Цинкот е минерал кој е корисен во текот на целата година, но особено во постудените месеци кога телото е поподложно на вируси и инфекции. Нутриционистката Ејми Кудсон објаснува за „People“ колку цинкот е важен за здравјето и во која храна може да се најде.
Според неа, цинкот е суштински минерал со клучна улога во многу функции на телото, како што се заздравувањето на раните, синтезата на ДНК и клеточната делба.
Овој минерал е особено важен за имунолошкиот систем бидејќи ги активира Т-лимфоцитите, познати како Т-клетки, кои играат клучна улога во одбраната на телото од патогени.
Нутриционистот Џерлин Џонс го опишува цинкот како „имунолошки чувар“ и додава дека делува како антиоксиданс.
Дневната препорачана доза на цинк е осум милиграми за жени и 11 милиграми за мажи. На бремените жени им требаат 11 милиграми дневно, додека на доилките 12 милиграми. Најдобар начин да се добие цинк е преку храна.
Храната богата со цинк вклучува говедско месо, остриги, риба, морска храна, јајца и млечни производи. Вегетаријанците и веганите можат да ги задоволат дневните потреби за цинк со консумирање грашок, мешунки, јаткасти плодови, семки, житарки, леќа и овес.