НАЈДОБРОТО ТЕСТО ВО СВЕТОТ: Јогуртни уштипци, се прават за 15 минути, а подобри и помеки не сте пробале

Овој рецепт можат да го приготват и почетници во кујната. Следното утро направете појадок со кој ќе го израдувате вашето семејство. „Мекици“, „пишии“, „уштипци“ или „погачици“ се печива од меко тесто кои се приготвуваат на лесен и едноставен начин, а овој рецепт е најдобриот.




Тестото се прави со јогурт или кисело млеко, па токму поради тоа уштипците излегуваат многу меки. Неверојатно се вкусни, меки и нежни, нема кому не му се допаднале. Може да ги послужите со кајмак, сирење, јогурт, кисело млеко…или со она што го имате во фрижидер. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за тесто): 4 крупни јајца, 500 г цврст јогурт (или кисела павлака помешана со малку течен јогурт), 500 г брашно помешано со 1 кесичка прашок за печиво (10 г) и малку сол, околу една мала лажичка или по вкус.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете четири јајца и пенасто изматете ги со жица-маталка. Потоа додајте го цврстиот јогурт или киселта павлака, па уште малку промешајте колку да се изедначат. Посолете по вкус, а потоа постепено додајте го просеаното брашното помешано со прашокот за печиво.




Добро изедначете ја смесата, да нема грутчиња од брашното. Ова тесто е меко и лепливо, па затоа се меша со лажица или жица-маталка, не се меси со раце. Исто така, не треба да се остава да кисне. Уште на почетокот од подготовката ставете го маслото да се грее на умерена температура.




Земете една супена лажица и натопете ја во врелото масло, па црпнете во тестото одредена количина и спуштете го во маслото да се пржи. Повторете ја постапката додека тавата да се исполни. Имајте во предвид дека уштипците во текот на пржењето ќе нараснат, па не ја преполнувајте.




Потребно е околу 3-4 минути да се пржат од двете страни на умерена температура која мора да ја прилагодувате според јачината на вашиот шпорет. Доколку е потребно од 4 (од вкупно 6), појачувајте на 5, па повторно намалувајте на 4 за да се испржат рамномерно.




Пржените уштипци вадете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Излегуваат меки и не се масни. Од јогуртот добиваат мекост како памук. Вкусни се топли, но и кога ќе изладат.





За 15-тина минути имате готов појадок или вечера на масата. Запишете си го овој рецепт и во следната пригода испробајте го. Деталите од целата постапка во презентација на Дани, можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

Пронајдете не на следниве мрежи: