Најдобро време за пешачење ако сакате да го намалите крвниот притисок

Пешачењето е едноставен и ефикасен начин за намалување на крвниот притисок. Иако некои истражувања сугерираат дека одењето во доцните попладневни или вечерни часови може да обезбеди малку поголеми придобивки, експертите нагласуваат дека регуларноста е поважна од времето од денот. Високиот крвен притисок е една од водечките причини за срцеви и мозочни удари, но редовната физичка активност како одењето може многу да помогне во неговата контрола, пишува Health.com.

Дали има најдобро време за прошетка?

Крвниот притисок природно се зголемува наутро и постепено се намалува навечер, објаснува кардиологот д-р Тифани С. Ди Пјетро. Само една прошетка може да го намали крвниот притисок неколку часа по активноста. Затоа времето од денот кога одите може да влијае на тоа кога ќе се појави овој ефект.

Некои истражувања сугерираат дека одењето доцна попладне или навечер може да има малку поизразен ефект. Студија од 2019 година покажа дека аеробната активност навечер доведува до поголемо намалување на систолниот крвен притисок по вежбање во споредба со утринските вежби.

Сепак, д-р Ди Пјетро истакнува дека резултатите од истражувањето не се недвосмислени и дека разликите меѓу поединците постојат, но обично се мали.

Д-р Џејсон В. Цо, кардиолог на Универзитетот Стенфорд, предупредува дека интензивното вежбање непосредно пред спиење може да го наруши квалитетот на сонот.

,,Ако забележите дека ви е потешко да заспиете по брза прошетка, слободно вежбајте во друго време од денот“, вели тој.

Експертите се согласуваат дека најдобро време за прошетка е она што можете да го вклопите во вашиот редовен распоред.

Влијанието на движењето врз крвниот притисок

Покрај времето од денот, голем број други фактори влијаат на тоа колку одењето ќе го намали крвниот притисок. Најважно е доследноста.

„Редовното одење во текот на недели и месеци го намалува вашиот просечен крвен притисок“, вели д-р Ди Пјетро.

Придобивките обично се поизразени кај луѓето кои имаат повисок крвен притисок уште на почетокот.

Сепак, позитивните промени можат да бидат намалени од нездрави навики како што се лошиот сон и хроничниот стрес, кои самите по себе го зголемуваат крвниот притисок. Исхраната исто така игра голема улога, особено прекумерниот внес на сол, алкохолот и храната со лоша хранлива вредност.

Темпото на вашето одење е исто така важно. Најдобрите ефекти се постигнуваат со брзо одење, што го зголемува срцевиот ритам. Д-р Ди Пјетро има едноставен совет: Треба да можете да зборувате додека одите, но не и да пеете. Американската асоцијација за срце препорачува најмалку 150 минути физичка активност со умерен интензитет неделно, што вклучува брзо одење.

Како одењето помага во намалување на крвниот притисок

Високиот крвен притисок се јавува кога силата на крвта врз ѕидовите на артериите останува покачена долго време, создавајќи дополнителен товар на срцето. Аеробните вежби ги стимулираат крвните садови да произведуваат повеќе азотен оксид, супстанца што им помага да се шират и да го намалат крвниот притисок, објаснува д-р Цо.

Одењето, исто така, помага во намалувањето на нивото на хормонот на стрес кортизол, кој ги одржува крвните садови поеластични и поотпорни.
The post Најдобро време за пешачење ако сакате да го намалите крвниот притисок appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: