Не постои човек кој не посакува да има блескава насмевка. Убавата насмевка ја зголемува самодовербата и нè стимулира почесто да се смееме.
Предуслов за имањето на здрави заби и свеж здив е редовното и правилно миење на забите. Миењето на забите е навика и ретко кој обрнува внимание што точно прави кога ќе ја земе четката во рацете. Поради тоа, може да се случи несвесно да правите некоја грешка која може да им наштети на вашите заби.
За да одржувате добра орална хигиена, потребно е да ги избегнувате следните грешки:
Употребувате погрешна четка за заби. Можеби ви се чини дека четките со меки влакна нема целосно да ги исчистат вашите заби, но токму нив треба да ги претпочитате. Експертите советуваат четката да биде со меки влакна кои имаат заоблени врвови и да биде густа. Големината на „главата“ на четката треба да биде соодветна на вашата уста. Ако се напрегате за да успеете да ја отворите устата доволно за да ја ставите четката внатре, тогаш најверојатно ви треба четка со помала „глава“. Исто така, добро е да си изберете четка со рачка која ви е удобно да ја држите во раката
Нередовно ги миете забите. Се препорачува забите да се мијат најмалку 2 пати дневно. Наутро, за да ги отстраните бактериите кои се насобрале во вашата уста во текот на ноќта и навечер пред легнување, за да ги отстраните храната и бактериите кои се таложеле во текот на денот. Но, нема да погрешите ако ги измиете забите и трет пат некаде во средината на денот. Кога поминува долго време меѓу миењата, се зголемува ризикот од појава на воспалување на непцата и кариес.
Неправилно ги четкате забите. Не ги четкајте забите со долги хоризонтални движења. Поставете ја четката на забите под агол од 45° и правете кратки вертикални вибрациски движења. Забите треба да се четкаат најмалку 2 минути, а најдобро е да трошите 3 минути за секое миење. Поделете ја устата на 4 области и на секоја област посветувајте ѝ барем по 30 секунди.
Ги миете забите пребрзо и четкате пресилно. Сигурно ви се има случено да брзате за некаде и да ги исчеткате вашите заби за помалку од 30 секунди. Многу луѓе додека се подготвуваат наутро се обидуваат да заштедат некоја секунда или минута и ги мијат забите колку што е можно побрзо. Но, не поминува долго време пред тоа да им стане навика. Четкањето на забите со употреба на сила и брзи потези може да ги иритира непцата и да го оштети површинскиот заштитен слој на забите. Затоа, секогаш одделувајте си 3 минути кои целосно ќе му ги посветите на миењето на забите.
Пропуштате одредени делови. Запомнете, потребно е да ги исчеткате забите од три страни: однадвор (површината што ја гледате кога ќе се насмевнете), однатре (површината која ја допира јазикот) и одгоре (џвакалната површина со која забите ја дробат храната). Често луѓето ја забораваат површината на забите која е од внатрешноста. Според стоматолозите, најчесто е занемарувана внатрешната страна на предните заби.
Го занемарувате јазикот. Миењето на забите треба да вклучува и чистење на јазикот. Врз него се трупаат многу бактерии кои предизвикуваат непријатна миризба и лош здив. На крајот, откако ќе ги исчеткате забите, посветете му неколку секунди и на јазикот.
Не ја менувате редовно четката. Четката за заби треба да се менува еднаш на 3 месеци. Но, ако забележите дека влакната на четката се „расцветани“, тогаш не чекајте да помине тој период и веднаш реагирајте. Ако продолжите со користење на разбушавената четка, тогаш ќе употребувате поголема сила во процесот на миење на забите и така можете да им наштетите и ним и на непцата.
Ја чувате четката влажна и не ја измивате темелно. По миењето на забите, темелно исплакнете ја четката за заби. Доколку не го направите тоа, ризикувате со наредното миење повторно да си вратите во устата стари бактерии. По плакнењето, истресете ја четката со нагли движења за да го намалите количеството вода што се задржува врз неа. На крајот ставете капаче врз четката или ставете ја во кутија во којашто може да влегува воздух за да се суши. Влажната четка е идеална средина за размножување на бактерии.