Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, во рамките на расправата за проширувањето на Европската Унија, ги запознал лидерите на земјите членки со осумте барања на Хрватска до Црна Гора, кои Подгорица треба да ги исполни за да добие зелено светло од Загреб за завршување на пристапните преговори.
По интервенцијата на Пленковиќ, заклучоците за Црна Гора биле делумно изменети во однос на претходниот нацрт, од кој се отстранети временските рокови.
Нерешени отворени прашања
„Европскиот совет ја поддржува работата што е во тек за изработка на договорот за пристапување на Црна Гора. Ја прима на знаење намерата на ирското претседателство да работи на привремено затворање на преговарачките поглавја, под услов Црна Гора да ги спроведе соодветните реформи“, се наведува во заклучоците.
Во однос на претходниот нацрт, отстранет е делот во кој се предвидуваше договор за привремено затворање на преговарачките поглавја да биде постигнат до крајот на оваа година, како и делот што предвидуваше договорот за пристапување да биде изработен што е можно поскоро.
Во претходниот нацрт стоеше:
„Европскиот совет ја поздравува работата што е во тек за изработка на договорот за пристапување на Црна Гора. Ја прима на знаење намерата на претседателството на Советот до крајот на оваа година да постигне договор за привремено затворање на сите преговарачки поглавја, под услов Црна Гора да ги спроведе соодветните реформи, како и да работи на што поскоро завршување на изработката на договорот за пристапување“.
Пленковиќ во расправата истакнал дека Хрватска има конструктивен и добронамерен пристап кон пристапувањето на Црна Гора во ЕУ, но очекува од Подгорица да ги реши отворените прашања што се на маса подолго време, а за кои сè уште нема решение.
Хрватска оваа недела им доставила документ на земјите членки на ЕУ, како и на кабинетите на претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет, во кој детално го образложува својот став за пристапниот процес на Црна Гора.
Во документот се наведени осум барања, познати и од претходно, што Подгорица треба да ги исполни за да добие зелено светло од Загреб.
Шест од барањата се однесуваат на преговарачкото поглавје 23 – „Правосудство и темелни права“, додека другите две се поврзани со поглавјето 31 – „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика“.



