На денот на посетата на папата Франциск во Скопје, граѓаните кои живеат во централното градско подрачје, aко сакаат да ги возат своите возила ќе мора да ги извадат од потегот на “Голем ринг“, бидејќи на овој простор тој ден ќе биде забранет сообраќајот.
Владиниот портпарол Миле Бошњаковски вели дека за време на посетата на папата од 6 часот наутро до 19 часот попладне во овој појас ќе биде забранет сообраќајот и ќе биде пренасочен на булеварите “Кочо Рацин“, “11 Октомври“, “Св. Кирил и Методиј“, “Св. Климент Охридски“, “Партизански одреди“ и на улицата “Самоилова“.
– Движењето за пешаците не е забрането во овој појас, односно тие ќе може слободно да се движат без оглед дали одат на миса или не. Со себе треба да имаат лична карта заради идентификација и да го планираат времето половина час порано да тргнат таму каде што се упатиле, дали на работа или пак на некое друго место. Апелираме уште еднаш сите граѓани да користат автобуски превоз на ЈСП, кој тој ден ќе биде бесплатен“рече Бошњаковски.