Дебелината кај децата станува навистина сериозен проблем. Иако оваа појава е најчеста во развиените и земјите во развој, детската дебелина е глобален проблем. Никој родител не сака неговото дете да биде дебело, но повеќето деца се соочуваат со дебелина токму поради нив. Иако тоа не ви е намерата, ако вашето дете е дебело најверојатно вината е ваша. За среќа, можете да го промените тоа уште денес.
Како родителите ги здебелуваат своите деца и како вие да го избегнете тоа?
ЗОШТО ДЕБЕЛИНАТА КАЈ ДЕЦАТА Е ГОЛЕМ ПРОБЛЕМ?
Дебелината кај децата не го добива потребното внимание. Дебелото дете се соочува со многу очигледни недостатоци.
Разни здравствени проблеми
Прекумерната тежина е поврзана со многу здравствени проблеми вклучувајќи дијабетес тип 2, кардиоваскуларни болести, астма, болки во зглобовите, па дури и проблеми со спиењето.
Зголемен ризик од дебелина и смрт во зрелоста
Истражувањата покажале дека децата коишто се клинички дебели имаат поголеми шанси да се соочат со дебелина кога ќе бидат и возрасни. За жал дебелината е поврзана и со прераната смрт, што значи дека дебелите луѓе имаат пократок животен век.
Ниска самодоверба
Дебелите деца често се жртви на малтретирање на училиште, а ова искуство може да биде навистина трауматично. Како што растат, негативното искуство од детството може да резултира со ниска самодоверба, па дури и депресија. Во најлоши случаи може да води и до самоубиство.
КАКО РОДИТЕЛИТЕ НЕСВЕСНО ГИ ЗДЕБЕЛУВААТ СВОИТЕ ДЕЦА?
Постојат многу „нормални нешта“ што родителите секојдневно ги прават, а имаат негативно влијание на тежината и здравјето на децата.
Поставувате лош пример
Како родители, вие сте херои во очите на вашите деца. Ова значи дека тие го набљудуваат секое ваше движење. Ако сте родител со прекумерна тежина, му праќате едноставна порака на вашето дете – во ред е да биде дебело. На истиот начин децата се обидуваат да ве копираат. Па ако сте личност која не сака физичка активност и ужива во нездрава храна, вашето дете најверојатно ќе се однесува исто. За жал, овој животен стил често резултира со проблеми со тежината.
Презафатени сте да готвите
Јасно е дека светот во којшто живееме станува сè побрз. Ако не сте внимателни лесно можете да ги сметате активностите како готвењето за трошење време. Веројатно повеќе сакате да порачате пица отколку да потрошите еден час подготвувајќи вечера. Но, речиси секоја брза храна е нездрава. Ако ги одгледувате децата со пица, помфрит и сладолед едно нешто е сигурно – тие ќе имаат проблеми со тежината.
Му го одвлекувате вниманието на децата со телевизија
Ако ги охрабрувате децата да гледаат телевизија и да играат видео игри бидејќи сте премногу зафатени да им обрнете внимание, голема е веројатноста да развијат проблеми со тежината. Гледањето телевизија е лошо од неколку причини. Тоа охрабрува седечки животен стил што директно го намалува времето поминато во физичка активност. Покрај тоа прекумерното гледање често завршува со неконтролирано јадење. Неодамнешно истражување покажало дека седечкиот животен стил и јадењето пред телевизор имаат големо влијание на телесната тежина.
Му давате нездрава храна како награда
Ако му ветите на детето дека ќе му дадете сладолед ако го изеде зеленчукот детето почнува да верува дека сладоледот е одличен а зеленчукот е обврска. На овој начин се зголемува љубовта кон брза и нездрава храна што евентуално води до таложење на мастите.
Го охрабрувате детето да останува дома
Иако можеби ви е страв да го пуштите детето надвор без да го надгледувате, навистина е лошо да го затворите дома. Ова го охрабрува да биде неактивно, а тоа има влијание на неговата тежина.
КАКО ДА МУ ПОМОГНЕТЕ НА ВАШЕТО ДЕТЕ ДА ОСТАНЕ ЗДРАВО?
Постојат неколку едноставни совети што ќе ви помогнат да го подобрите здравјето на вашето дете.
Поставете добар пример
Ако сакате да им помогнете на децата да водат здрав живот, треба да почнете со вас. Пешачете и земете ги децата. Хранете се здраво и охрабрете ги и тие да го прават истото.
Давајте им здрава храна
Вие сте она што го јадете, а истото важи и за вашите деца. Здравата исхрана е нешто што не смеете да го избегнете ако сакате вашето дете да има нормална телесна тежина.
Внимавајте на големината на порциите
Кога станува збор за здравата исхрана, од голема важност е и количината. Децата треба да јадат само колку што се гладни, а не повеќе. Не терајте ги да ја испразнат чинијата бидејќи ова ќе ја зголеми потребата за храна со текот на времето.
Избегнувајте ја брзата храна
Брзата храна е нездрава и потребно е да ја пренесете оваа порака и на вашите деца. Најдобриот начин да почнете е да го исчистите фрижидерот од нездрава храна. Исто така охрабрувајте ги децата да купуваат здрави оброци доколку јадат надвор.
Вежбањето нека стане дел од нивната рутина
Ако сте навистина загрижени за здравјето на вашите деца, охрабрувајте ги редовно да вежбаат. Ако забележите дека сакаат некој спорт, веднаш запишете ги на часови. Пешачете заедно, трчајте низ домот, давајте им обврски… Правете што било за да ги одржите активни.
Исклучете го телевизорот
Ограничете го времето што вашите деца го минуваат пред телевизор. Најдобро е да не гледаат повеќе од еден час дневно. Истото важи и за видео игрите.
Времето за легнување нека биде задолжително
Спиењето помага во слабеењето. Па, направете распоред за спиење и натерајте ги децата да се држат до него. Во главно на децата им се доволно 7 до 8 часа сон секоја вечер.
Редовно проверувајте го индексот на телесната маса
Ако се потпирате само на вашите очи за да откриете дали вашето дете е дебело, правите грешка. Редовно проверувајте го неговиот индекс на телесна маса. Ова можете да го направите со многу калкулатори што се достапни онлајн, или можете да го замолите вашиот лекар да го следи.