На македонскиот пазар нема сендвич со шунка загаден со листерија повлечен во Хрватска и Србија






Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека досега нема добиено нотификација преку Европскиот систем за известување за небезбедна храна и храна за животни  (RASSF),  дека на македонскиот пазар е пласиран сендвич со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, лот број 1413100, поради утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес, кој според пишувањата во медиумите, се повлекува од пазарот во некои од државите од регионот.

Како одговорна институција за безбедноста на храната, АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, во најкус рок, во интерес на заштита на здравјето на граѓаните, навреме ќе бидат преземени потребните мерки за евентуално повлекување на производот од пазарот, наведуваат од АХВ.
Надлежните власти во Србија и во Хрватска денеска информираа дека се повлекува сендвичот со шунка од 500 грама со рок на употреба 31.05.2024 година, поради листерија моноцитогенес.
-Станува збор за шунка од словенечкиот производител Целјске меснине доо, лот број 1413100, а веледрогеријата е METRO Cash & Carri д.о.о. Производот не е во согласност со Регулативата на Комисијата (ЕЗ) од 15 ноември 2005 година за микробиолошки критериуми за храна, а известувањето се однесува исклучиво на наведениот производ, се наведува во соопштението од Државниот инспекторат на Србија.
Бактеријата Listeria monocytogenes предизвикува заразна болест листериоза, која може да доведе до предвремено породување и спонтан абортус во текот на бременоста. Листериозата може да влијае и на централниот нервен систем. Бактеријата се наоѓа во околината и во цревата на цицачите (освен луѓето), птиците, раковите и пајаците.
Оваа бактерија може да се размножува при прилично ниски температури на складирање (+4°C), а поради силната отпорност и високата концентрација на натриум хлорид, листеријата може да преживее различни процеси кои се користат во преработката на храната.
Контаминираната храна е главниот пат на пренесување на оваа бактерија од околината на луѓето.
Сподели ја веста:

Извор








Пронајдете не на следниве мрежи: