За коментарот упатен на синоќешниот митинг на Стево Пендаровски во Куманово, од страна на граѓанин во публиката, со реакции се јавија повеќе пратенички и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ барајќи осуда од тимот на Пендаровски
По завршување на синоќешниот митинг во Куманово, кој го водеше Богданка Кузеска од тимот за комуникации на Стево Пендаровски, таа со реакција на коментарот на граѓанинот се огласи на својот фејсбук-профил. Според Кузеска, коментарот е недоличен, навредлив и таа го осудува. Додава оти ниту таа ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат
Актуелни и кандидати за идни пратеници, како и други членови на ВМРО-ДПМНЕ упатуваат остри реакции по синоќешниот митинг на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во Куманово на кој во делот за поставување прашања од присутните во публиката беа упатени непристојни коментари кон противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова.
Од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение побараа за ваквите коментари да реагираат институциите.
„На митингот на Стево Пендаровски во Куманово беа изнесени сексистички навреди кон кандидатот за претседател, професорката Гордана Силјановкса-Давкова. Овие изјави во официјален дел од митингот и пред целокупната јавност ги искажа активист на Пендаровски и тоа во негово присуство и да биде уште пожалосно во присуство на портпаролката на СДС Богданка Кузеска“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Најстрашното од се, велат од партијата, е што после искажаните навреди кои се однесуваа на возраста и полот на кандидатката, никој на тоа не реагираше, ниту проба да го спречи активистот, ниту се огради, ниту се извини.
„Напротив тие дури и му се заблагодарија за неговиот настап.Ова е бедно и жалосно, на кое дереџе дојде Пендаровски. Да се навредуваат неговите против кандидати, а тој на тоа само да се смее и да се заблагодарува. Очигледно очајот и нервозата на СДС и Пендаровски се толку големи што веќе не бираат средства како да се пресметаат со Силјановска Давкова. Немаат аргументи, бегаат од дебати, бегаат од дуели и сега почнаа криејќи се од нивните активисти да блујат омраза, навреди и лаги“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Освен партиското соопштение, со реакции за синоќешниот митинг на Пендаровски се јавија и повеќе членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролката и кандидат за пратеник од изборната единица 1, Марија Митева, преку статус на својот фејсбук-профил најостро ги осуди сексистичките навреди кон кандидатката Силјановска- Давкова упатувајќи коментар кон нејзината колешка од СДСМ, Богданка Кузеска.
„Ја слушнавте навредата и со насмевка на лицето го земавте микрофонот, па се прашувам како прво ви дојде да кажете ‘мислам дека тоа е се’ наместо да осудите? Разочарувачки, многу неочекувано дека како жена нема прва да замолите да ги оставиме навредите на страна. Но, власт во заминување е најстрашна и најлоша власт, изгубен ви е компасот. Јас и професорката гордо ќе ве поздравиме!“,
пишува Митева.
На својот фејсбук-профил се огласи и пратеничката Благица Ласовска која е и кандидатка за пратеник од изборната единица 3. Ласовска во објавата ги повикува сите невладини организации, кои се борат за местото на жените во политиката, гласно и недвосмислено да го осудат говорот на омраза кон Силјановска-Давкова.
„Сите вие, кои аплаудирате на мизеријава која ја искажа дотичниот, а Стево и Богданка не се оградија, во истиот момент треба да ви е јасно дека, избираме претседателка, а ‘невеста’, сами си бирате. Бедноо, многу бедноо. И за крај, со глупостиве така не мотивирате, што победата толку ќе биде голема и силна, што ќе ве здоболи, па дури и ‘невестите’ дома нема да ве препознаат, од изразите на вашите лица. Бидете така. Иде надојден Вардар!!“,
напиша Ласовска прашувајќи го претседателскиот кандидат Пендаровски дали е ова европски.
Актуелната пратеничка и кандидатка од изборната единица 3, Рашела Мизрахи, вели оти Пендаровски од ден на ден се подлабоко се нурнува во длабочините на бездната наречена очај, ментална беда и некултура
„Има една народна која вели … угоре високо, удолу длабоко! За жал Пендаровски не само што не успеа да се издигне над непостоечкиот рејтинг како политичар, тој со учество на вакви настани очигледно не успева ни да се издигне како човек. Жалам што еден професор, доктор на науки и каков и да е ‘претседател на татковината’ минативе години, во борбата да не се отсели од Македонија, зошто како и самиот што вели ‘да не бев претседател и јас ќе заминев’, ниту бира начин, ниту средства, ниту пријатели!. ‘Таткото на нацијата’ за глас повеќе стигна до дереџе да другарува со срамот, нискоста, дрскоста и женомрзците!“,
пишува Мизрахи во објавата нанејзиниот фејсбук-профил.
Кандидатката за пратеник во изборната единица 2, Жаклина Пешевска, порачувајќи му на Пендаровски оти ќе остане на ѕидот на срамот вели „да се смеете и аплаудирате на говор на омраза кон жена, покажува колку сте уплашени“.
Освен актуелните пратенички и кандидатки за влез во новиот парламентарен состав од ВМРО-ДПМНЕ, со реакции се јавија и нивните колеги пратеници.
Драган Ковачки, носител листата во изборната единица 3 вели дека ваквото недолично однесување е резултат на немање култура и нервоза од поразот.
„Уште по згрозен сум што портпаролката на СДС Богданка Кузеска стои и се потсмева. Овој примитивизам, ова недолично однесување е резултат на немање култура и нервоза од поразот. Овие од СДС тотално забегале. Во СДС се натпреваруваат кој по голема навреда ќе каже. Но, ние од ВМРО-ДПМНЕ се натпреваруваме кој подобар проект ќе предложи и реализира за доброто на граѓаните, и затоа ќе ве поразиме“,
пишува Ковачки на својот фејсбук-профил.
Со објава на Фејсбук се јави и Никола Мицевски, кандидат за пратеник од изборната единица 3 кој вели оти приватни журки на кандидатот Стево Пендаровски наречени „митинзи“ веќе почнаа да наликуваат на неуспешни стенд-ап престави со досадни комедијанти.
По завршување на синоќешниот митинг во Куманово, кој го водеше Богданка Кузеска од тимот за комуникации на Стево Пендаровски, таа со реакција на коментарот на граѓанинот се огласи на својот фејсбук-профил.
Според Кузеска, коментарот е недоличен, навредлив и таа го осудува. Додава оти ниту таа ниту претседателот Пендаровски не го поддржуваат.
„По повод коментарот на еден од присутните на митингот на кандидатите на претседател во Куманово, сакам да бидам транспарентна и искрена кон целата јавност. Пред сѐ, поради масовноста на митингот за жал не успеав целосно да го слушнам коментарот на еден од учесниците и да го спречам. Тие кои ме познаваат и како поддржувачи на партијата на којашто сум гласноговорник, но и од сите други политички партии, знаат дека остро ги осудувам коментарите кои се навредливи за жена и знаат дека сум гласна во борбата против говор на омраза кон жените. Така е и во овој случај“,
напиша Кузеска на Фејсбук.