На 10 март во Скопје ќе се одржи традиционалниот шаховски турнир во забрзан шах на АЛКАЛОИД



Меѓународниот шаховски турнир „Алкалоид рапид опен“, кој традиционално, во континуитет, се организира од 2012 година (со исклучок на годините на пандемијата), претставува убава можност љубителите на древната игра да си го разубават секојдневието или да ги започнат подготовките за натпреварите кои следуваат подоцна.

Популарноста на овој турнир во забрзан шах отсекогаш била демонстрирана со повеќе пријавени играчи од предвидениот максимум, па така е и во пресрет на ова издание, при што покрај веќе заклучената листа на 248 регистрирани учесници, има уште пријавени играчи, кои ќе очекуваат да има откажувања меѓу примените за да го заземат нивното место.

Исто така, импонира фактот дека на овој турнир ќе има околу 50 играчи од странство, од кои триесетина се од Србија, десетина од Грција и уште десетина кои доаѓаат од различни земји, како на пример Шпанија, Германија, Косово и Бугарија.

Турнирот ќе се игра во 11 кола, а во партиите играчите ќе имаат по 10 минути за размислување, плус 5 секунди додаток за секој одигран потег.

Организаторите предвидоа поголем број награди. Покрај наградите за првите 10 најуспешни играчи во генералниот пласман, ќе се доделат уште десет специјални награди според различни критериуми (најуспешни дами, најуспешни ветерани и најуспешни играчи според рејтингот), како и медали и подароци за најуспешните јуниори и јуниорки според возрасните категории.

Сите мечеви ќе се играат во салите на хотелот „Континентал“, каде што публиката ќе може да присуствува како за време на играта така и за доделувањето на наградите.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: