Силно невреме проследено со ветер и дожд синоќа го погоди Хрватското крајбрежје, а ударите на ветрот достигнаа до 119 км/час.
Невремето го погоди подрачјето околу Сплит и Далмација синоќа од 22 до 23 часот. Од силината на ветерот неколку дрвја биле откорнати, а од големите бранови предизвикани во Јадранското Море, неколку пловила се заглавиле на суво, изјавиле за агенцијата “Хина“ од поморскиот метеоролошки центар во Сплит.
– Имаме многу повици, само во областа на Сплит имаме дојави за пет хаварии и можеби 20 на целиот Јадрански брег. Но, не можам да ви дадам повеќе информации сега затоа што сме преплавени со повици, изјавиле од Центарот.
Националниот центар за спасување на море примил околу 130 пријави за заглавени бродови, а дојавите во најголем број биле од лица кои се наоѓале на тие пловни објекти или од очевидци, но нема информации за повредени или жртви.
Ветрот корнел дрвја кои паѓале на патиштата или врз автомобили при што била предизвикана штета. Некои објекти останале без покрив, а најмногу повици до Центарот за спасување доаѓале од Сплит, Солин, Каштел.