Неговото височество – дедо: Убав текст за нашите стари херои

Еден прекрасен текст посветен на дедовците се споделува на социјалните мрежи. Ви го пренесуваме во продолжение:
Животот е вечна борба. Војна. Некогаш со другите, некогаш со самите себе. Судбината сама ги меша картите и ни доделува добро или зло. И само од вашата сила и волја зависи дали ќе успеете во животот.
Мојот дедо е пример за вистински борец. Таткото на татко ми. Ако некогаш се случи на момент да заборавам на него, тој е тука за да ме потсети дека во животот победуваат само јаките.
Толку многу брчки, седа коса, искривен ‘рбет, а неговиот поглед прав, чист, полн со оптимизам, живот, сила, исто како да е во најдобрите години.
Несопирлив, непоткуплив, искрен, не трачари, не се занимава со туѓите животи, не прави сплетки, тој е една широка душа која сама со себе го разрешила случајот со личната обичност, допирливост и ранливост.

Се сеќавам како облекуваше некоја гумирана блуза и ме тераше да трчам со него на јакото сонце. Беше право задоволство да се гледа како мојот дедо трча. Отсекогаш бил прекрасен и вистински спортски тип. Го има издржано најлошото: беда, сиромаштво и војна. Има работено тешки физички работи за едно парче леб само за да го прехрани мојот татко, неговото единствено дете.
Тој е навистина харизматичен и има прекрасна смисла за хумор. Одличен мајстор, се што неговите очи гледаат, неговите раце го прават и тоа со примитивен алат. Толку масички, столови, украси, се тоа направено е од дрво. Токму поради тие несекојдневни црти е омилен во целото соседство.
Никогаш не запира, секогаш има сила за уште еден чекор. Требаше многу сила за да продолжи понатаму кога дозна дека го изгуби своето дете, неговиот единец, а тоа успеа да го направи. Дојде крајот, а неговите маки дури тогаш започнаа. Се повеќе се забележуваше тага на неговото лице. Сите собрани луѓе му даваа поддршка и сочувство. Неговиот скапоцен камен, неговата светлина исчезна засекогаш. Најголемиот борец ја изгуби волјата за борба.
И кога човекот ќе го допре дното, обично се предава, застанува и така закочен останува на дното. Ретки се тие луѓе кои дното го разбираат на прав начин. А дедо ми разбра, свесен дека по дното нема ништо и дека секој обид може да те носи само погоре.
Имаше само една задача. Да не чува нас, неговите две внуки. Мислеше на нас, на нашата иднина, оставајќи го минатото зад себе. Не заборави, но мораше да продолжи понатаму поради нас. Вистински, најголем борец.
Ме научи да не се предавам, да не се откажувам, дека среќата е таму каде што секогаш има некој кој ќе те сака, да те прегрне со своите стари раце и да ти каже дека животот е убав.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.