Манифестацијата „Недела на македонската култура“, која за првпат ќе се одржи во главниот град на Албанија, Тирана, има за цел да ја промовира македонската култура, туризмот и економијата. Свеченото отворање е закажано за 23 април, во 20 часот, во концертната сала на православната црква во Тирана. На отворањето се очекува да се обратат македонскиот министер за култура, Зоран Љутков, и неговиот албански колега, Бленди Гонџја. По отворањето ќе следи концерт насловен „Поглед кон иднината“ во изведба на познатата македонска пијанистка Емилија Попивода и реномираната албанска диџејка Реа Лемнуша, која има богата кариера како музичар и новинар во областа на културата низ цела Европа. По завршувањето на концертот, гостите ќе уживаат на прием и коктел.
Во недела, на 25 април, во 19 часот, македонскиот културен центар-Нобис ќе биде домаќин на изложба на слики со традиционални македонски носии и промоција на книгата „Монографија за македонската народна носија“ од Владимир Јаневски, посветена на културното наследство на земјата. Третиот ден од настанот, на 26 април, со почеток во 16 часот, ќе биде посветен на промоција на македонски вина и вински туризам во познатата „Пирамида“, каде што 12 македонски винарии ќе ги претстават своите производи и туристичките потенцијали. Настанот ќе биде збогатен со културен перформанс од деца од Корча, припадници на македонското малцинство, во традиционални носии кои ќе изведат македонско оро.
На 30 април, во Артурбина – Тирана, со почеток во 19 часот, ќе биде изведена театарската претстава „8%?“, која раскажува моќна приказна за дискриминацијата базирана на вистински сведоштва на поединци од различни етнички средини од Западен Балкан. Изведбата ќе биде на македонски јазик, со албански преводи на екраните. Овој значаен настан е организиран од македонскиот Културно-информативен центар и амбасадата во Тирана, со поддршка на Министерството за култура и туризам, како и од албанското министерство за економија, култура и иновации и општина Тирана. Финансиската конструкција на манифестацијата изнесува 20 илјади евра, од кои 80 проценти се обезбедени од општина Тирана. Во текот на овие денови, плоштадот „Народни херои“ во центарот на Тирана ќе биде украсен со црвени и жолти бои и многубројни македонски знамиња.
The post Недела на македонската култура во Тирана: Прослава со македонски дух од 23 до 30 април appeared first on 365.mk.