Неделна колумна на Оливер Андонов

Не во ЕУ
Кога Мицкоски велеше НЕ

Кога Мицкоски пред околу две и половина година се шеташе со маичка на која пишуваше „НЕ“, а во паузите помеѓу две шетања глумеше во режираната претстава „атентат врз него“ од страна на Кока другарчето на неговите сегашни коалициони пајташи, на што ли мислеше со тоа НЕ. Повеќето од нас си мислевме или сакавме да мислиме дека тоа НЕ е само фаќање подобри популистички позиции преку не прифаќање на тогашниот Француски предлог. Денеска гледаме дека тоа Мицкоски уште тогаш сакал да ни каже дека тоа НЕ е за НЕ ВО ЕУ. Кога Мицкоски велеше НЕ, тој велел НЕ на нормална европска држава во која ќе владее правото и ќе се спроведуваат законите. Тој велел НЕ на нашата европска иднина за да ја зачува неговата лукративна, балканска сегашност и иднина.

Не е тоа ништо нелегитимно во политиката да си против некоја политичка платформа, стратегија, па дури и идеологија и најповеќе прагма. Но кога си против нешто, тогаш е уште по легитимно и пред се чесно јасно и гласно да им кажеш на граѓаните за што си. Односно за каква политика си и како ќе ја спроведеш истата. На тој начин без лаги, манипулации, двосмислености и измами на јавна сцена ја нудиш твојата (доколку е твоја) или онаа политичка платформа која по туѓ налог треба да ја спроведеш. Е сега да не бидам наивен во вашите очи, мора да кажам дека сум во потполност свесен за лажните наративи во предизборието. Сепак, за вака животоважни прашања како што е нашето членство во ЕУ не постои оправдание за популистички лаги и измами.

Како што реков, легитимно е Мицкоски да биде против тоа Македонија да е дел од ЕУ и да спроведува таква политичка агенда. Но неопходно е да ни каже која алтернатива ни ја нуди наместо ЕУ. Дали тоа е БРИКС или можеби некаква регионална унија – конфедерација со Србија и Република Српска? Тоа е тоа што во овој момент на јасно стопирање на ЕУ перспективите е неопходно да ни го каже Мицкоски. Тоа доликува на сериозен премиер и политичар од голем маштаб каков што не е Мицкоски. Премиер кој е одговорен кон својот народ како што повторно не е, кон оној народ кој го гласал и нели му дал легитимитет. Пред изборите немавме ваква најава од страна на Мицкоски дека има намера да ги сопре преговорите на Македонија со ЕУ. Редно е такво политичко образложение и предвидлива иднина да добиеме сега кога е јасно дека ЕУ не го промени својот став во однос на Францускиот – Европскиот предлог и преговарачката рамка кој беше јасен и пред изборите и секако потполно ист.

Нашата трагедија е токму во тоа што Мицкоски продолжува со измамите особено во однос на ЕУ. Пред претставниците на ЕУ во Македонија и покрај нивните јасни пораки глуми цврстина и објаснува дека ние ќе ги направиме сите промени и реформи за да дојдеме во состојба во која ЕУ ќе не моли да влеземе во неа. Оваа будалаштина на перфиден начин се пласира на граѓаните низ пропагандните медиуми. И за чудо или подобро, очекувано, фаќа место. Да, да, фаќа место, затоа што народецот наш и покрај децениското искуство дека не сме способни за ниедна реформа доколку не сме под директен надзор, контрола и притисок, повторно се фаќа на лагите. Нема да има ништо од нашите сопствени реформи, тоа се гледа и за овие шест месеци влада на Мицкоски. Доколку не верувате обидете се да ги контактирате вашите познати или роднини во разни државни институции и ќе ви кажат дека се тоне и нема никаков личен капацитет на сите нивоа кај раководните пред се партиски кадри за било каква активност. И тоа е потполно точно, и затоа се е сведено на глупав ПР и медиумска пропаганда. Погледнете само колку многу време (преку три-четири месеци) му е потребно на Мицкоски и се уште не успева да го пласира преку банките унгарскиот кредит. И не само што не успева да го пласира до бизнисот, туку и до локалната самоуправа не успева бидејќи најголем дел од општините немаат изготвени проекти за тоа за што ги бараа парите. Сепак тоа не им пречи, особено на оние од ВЛЕН да започнат без проекти и без тендерски постапки да работат на тоа што го наумиле. Ќе има ли надзор и последици за тоа? Сега сигурно не, а за во иднина ќе видиме. Ова е само една од причините зошто Мицкоски вели НЕ во ЕУ. А ги има уште многу, една од нив е владеење на правото и средување на судската власт. Мицкоски ги премолча заклучоците на Советот на Европската Унија, но затоа сега кога ослободен од притисокот на претставниците на ЕУ и САД кои се на Божиќни и Ново годишни празници се обидува да не убеди дека е неопходно да се изврши кадровска смена во Судскиот совет и сакајќи да најде оправдување се повикува токму на заклучоците на Советот на ЕУ. Колку е добро да се правиш недоветен. А пред само една недела во мојата колумна направив анализа на заклучоците на Советот во која јасно е кажано што е проблемот. Проблемот не се личности, проблем е системот а тој се менува најпрво со донесување нови системски законски решенија кои ги дадов како предлози. Вака, Мицкоски ги потврдува моите ставови дека нема намера да ја движи Македонија кон ЕУ, туку има намера да ја стави под сопствена контрола судската власт. И што е тоа доколку не е еклатантно кажување НЕ во ЕУ?

Кога сме веќе на чисто (со исклучок на некој плиткоумни пред се партиски клиентелисти) дека Мицкоски јасно ни кажа и потврди дека е против членството во ЕУ, време е да побараме објаснување што ни нуди како алтернатива. Чесно би било и јавно да каже дека: „Ги сопираме понатамошните преговори со ЕУ поради некоректно поставени услови на Македонија“. Потоа да објасни што конкретно ќе преземе. Оние во Грузија го направија тоа и видовме со што се соочија. Мислам дека Мицкоски не треба да се плаши од исти или слични сценарија. Посебно доколку е сигурен дека огромно мнозинство од македонските граѓани го поддржуваат што го потврдуваат анкетите кои ги пласира во јавноста. По ова ќе знаеме на што сме и барем сите ние ќе имаме предвидлива иднина, односно ќе можеме да планираме што со нашите животи надвор од ЕУ. Во спротивно исчекувањето и непредвидливоста убива, а посебно ги убива младите генерации кои забрзано ќе започнат да се иселуваат од Македонија под мотото ДА ВО ЕУ.

Е, тоа би било така доколку Мицкоски не е кукавица и исплашен од реакциите на ЕУ и нашите стратешки партнери на една ваква чиста политичка позиција која е пред се геополитички јасна каде ќе се престрои Македонија. Но веднаш потоа го плаши сознанието дека при една така чиста позиција повеќе нема да добиваме помош од ЕУ фондови, а тоа ќе значи и мнооогу финансиски проблеми за Мицкоски. Тогаш се поставува прашањето за функционирање на државата и реакциите на граѓаните како резултат на егзистенцијата, а веќе и така Мицкоски има проблем со разните кошнички и цени на основни животни продукти. Тогаш патриотскиот празен ПР ќе стане потполно неупотреблив дури и за внатрепартиски потреби, бидејќи нема да можат да се задоволат лукративните потреби дури и на клиентелистите, а тоа е веќе сериозна опасност за Мицкоски и неговото политичко здравје.

И тука завршува политичката реалност на македонските граѓани и продолжуваат имагинациите кои во јавноста ни ги сервира Мицкоски. Замислете, токму атоа што не шетаат низ имагинарната сегашност и невидлива иднина, ние Македонците не сме информирани дури и за настани во Македонија за кои информираат медиумите на албански јазик во Македонија. Ете толку од демократијата на Мицкоски и затоа имаме јасно НЕ во ЕУ, само кој сака да го види.

Експлозиви и слични стравови

Тоа што посебно како Внатрепартиска фракција не плаши е континуираното сеење страв од страна на експертот за експлозиви Мицкоски дека сме постојано под закана врз нашата безбедност. Не сме изненадени од овој наратив, бидејќи кога велите НЕ во ЕУ а немате храброст тоа јасно да го кажете и да понудите друга политичка алтернатива, кога немате стабилна економија и одржлив развој кој ќе го претворите во економско-социјални политики и ќе ги понудите на граѓаните, секогаш гарантиран успех покрај квази патриотизмот ќе имате со пласирање и ширење страв помеѓу граѓаните.

Е сега вака. Експерту за експлозиви и тероризам Мицкоски, најпрво да ти објаснам дека не постои експлозив кој со својата разорна моќ во количина од 200 грама може да урне објект на владата или собранието. Најпрво, тешко е да се поверува дека криминална група од Македонија на нивото на Беланоца или Барон или било која друга може да набави некаков бризантен експлозив со огромна моќ и тоа да е пластичен експлозив кој ќе бидат подготвени стручно да го употребат за да му ја зголемат разорната моќ. Згора на тоа, за активирање на експлозив од таков тип неопходен е детонатор (вообичаено електричен) и пред се знаење да се склопи системот за електрично активирање на таков тип бризантен експлозив со иницијалниот експлозив. Тоа што овие бандити можеле да го набават е веројатно тротил за минирање во рудници (тоа се кај нас вообичаено камнитит и витезит кои се во прачки од по 100 грама и се прашкасти експлозиви). Во краен случај некоја влошка од 200 грама тротил извадена од противпешадиска мина. И секако, за да ти биде појасно, една рачна одбранбена бомба има 75 до 100 грама експлозив во себе, во една нагазна против пешадиска мина има од 75 до 200 грама експлозивно полнење, а во против тенковските мини од 4,5 до 8 килограми експлозив. Ти во минатото се изнафали дека си бил многу храбар и си служел војска храбро стражарејќи, ама ништо не си научил, труба си, а тоа е дел од основната поединечна обука на секој кој служел војска. Веројатно освен стража ништо друго не си правел, дури и обуката не си ја совладал. Така што, те замолувам да престанеш да тресеш глупости како да си божем експерт за се и сешто. Меѓу другото и дека со 200 грама експлозив (единствено доколку не се работи за нуклеарно полнење) можеш да урнеш објект како влада, собрание, министерство или друг објект, дури и куќа не можеш да урнеш со толку експлозив. Друга работа е тоа што Панче, шија ми га Ѓура, тврди дека се во прашање 400 грама тротил. Тука се поставува прашање кој лаже, а најдобро би било да се презентира записникот од претресот за одземени предмети што е доказ и пред суд. Но знам дека нема да се презентира ништо. Вие дури не можете да се искоординирате околу тоа колку тротил е пронајден при претрес а не пак да ги знаете својствата и разорната моќ на пронајдениот експлозив. Е така е тоа кога се брзаш да се пофалиш со нешто само и само да ја сокриеш неспособноста, а згора на се цели две недели не малтретирате со Груби па повремено треба и тука да правите дефокус. Ајде Мицкоски најди нешто друго поинтересно за одвлекување на вниманието од основната цел НЕ во ЕУ и престани како премиер да ги плашиш граѓаните.

Доколку продолжи Мицкоски да се однесува вака неодговорно кон македонските граѓани и да ги плаши, да им втерува страв преку неодговорни глупави изјави и тоа само заради остварување на лични политички интереси, ќе мораме како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ да му поднесеме кривична пријава за тероризам. Согласно општо прифатената дефиниција за тероризам (…активност со која преку внесување страв и несигурност кај граѓаните се обидува да постигне политичка цел…).

Пред и по Груби

Принципот на ширење страв кај граѓаните е игра за прикривање на крајната безидејност и потполна неспособност на Мицкоски дури изразена во неспособноста комбинирана со не сакањето за организација на државата по европски модел.

Затоа ќе се забавуваме со тоа како побегна Груби, па потоа кога ќе дојде, нели Мицкоски тврдеше дека за два – три дена Груби ќе биде доведен во Македонија, а сега со тоа каде се наоѓа, дали во Албанија или во Косово. Впрочем, многу сум сигурен дека Груби има покрај македонско и албанско и косовско државјанство, така што нема шанса некој да го испорача во Македонија. Вистинското прашање на кое Мицкоски треба да даде одговор е: „Зошто кога САД го ставија Груби на црна листа веднаш МВР не го приведе“? Тоа е една нормална логика, бидејќи сигурно дека МВР и обвинителството не дознале за криминалот во Лотарија последниот ден пред Груби легално преку граница да замине надвор од Македонија. Второто прашање со кое се манипулира е тоа каде се наоѓа во моментот. Па нели имаме служби од профилот на АР и АНБ, што работат тие? Нели е нелогично да „не знаат“ каде е поранешниот виц премиер, па затоа нам ни раскажуваат вицеви сметајќи не за приглупи. Сериозни служби би нашле начин да обезбедат пред лицето на правдата било кој бегалец. Но не сме сериозни. А и како да бидеме сериозни, посебно за вака дребни работи како што е црната листа на САД и Груби во бегство, кога директорот на АНБ има сериозни проблеми „са собом“. Јадниот тој неможе да се извлече од сопствените скандали со разно-разни дипломи, а не пак да мисли на организирање оперативни активности за откривање на Груби. Дури не му паѓа на памет да организира прибирање на доказни материјали за активностите на Енвер Беџети во однос на пресудите за Сашо Мијалков и нивно процесуирање во јавното обвинителство. Опасно е тоа за Бојанчо, трагите може да го доведат до шефот му Мицкоски а тогаш „бери кожа на клинец“, ќе заврши рапсодијата НЕ во ЕУ. А Бојанчо заедно со Мицкоски нема таква задача, нивната задача е по секоја цена да се реализира НЕ во ЕУ. Затоа ние можеме да си го броиме времето пред Груби и по Груби, бидејќи додека трае операцијата НЕ во ЕУ за Македонија ние ќе се занимаваме со „бегството“ на Груби и пред тоа. Малку да се позанимава Мицкоски со Енвер Беџети, како работа во ерата по Груби, или тука е опасно, пак ќе излезат многу крокодили. Ај држи се за Груби и НЕ во ЕУ, тоа најдобро поминува кај масата народ со поддршка на партиската клиентела и ботови. А сметката, е таа ќе дојде кога народот ќе разбере дека го маткате, и ќе биде многу висока, за жал за сите нас од ВМРО-ДПМНЕ, а може и за Македонија.

Како дополнување на сагата за Груби ќе ја проследиме во секвенци пиесата „Цвета и Бојан“ за да не ни биде досадно. Оваа пиеса ќе има пропагандистички крај во обид на чистење на Бојанчо изваден од септичката јама на божем универзитетското образование, во кое пропагандата на Мицкоски ќе се обиде да вмешува меѓународни институции како авторитети заради поприфатливо хемиско чистење на Бојанчо пред јавноста и покривање на другите скандали во овој контекст. Сепак ќе ги почекаме да ја заплеткаат и тука па ќе им објасниме што е што, затоа што обидите за манипулација и злоупотреба немаат крај, а лагите создаваат гооолем балон кој кога ќе пукне, а нема да треба многу време за тоа, се што тие направија ќе ни падне нам на глава бидејќи си молчиме и си голтаме лаги и лажен патриотизам. А Јавното обвинителство во меѓувреме час ќе слуша час нема да му се слуша, зависно од потребите на Мицкоски кој упорно работи на создавање општествен амбиент за неговата лична цел наречена „спојување на безбедносните служби“ и онаа поважната агенда наречена: „меѓуетнички судир“. А борбата против корупција или ништо од тоа? Кој тоа спомена поттикнување на тероризам? Најважно е НЕ во ЕУ.

Очекувано, сепак, Среќна Нова 1949 година!

Оливер Андонов

Пронајдете не на следниве мрежи: