Независен: „Диктатурата на дело“ за Груевски

Пред осум години сопственикот на А1 телевизија, Велија Рамковски, беше уапсен во голема полициска акција. Кога го спроведуваа во судот, ги крена високо рацете кои му беа врзани со лисици и рече „Диктатурата на дело“. Во судскиот процес, кој јавноста будно го следеше, тој беше осуден на 13 години затвор, заедно со неговите соработници. Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски беше уапсен следната година и не излезе од затвор додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт.
Владеењето на Груевски ќе биде запаметено и по спектакуларните полициски акции со звучни имиња, а голем дел од уапсените завршуваа во притвор. Судниците беа претесни за обвинетите, а во истражниот затвор во Шутка се бараше место повеќе за притворените. Дел од акциите пропаднаа и не добија судска разврска бидејќи немаше доволно докази, но дел од осудените поминаа години во затвор. Бошкоски, Рамковски, но и останатите обвинети што завршија во затвор во тоа време сега се на слобода. Во затвор треба да оди Груевски, кој е правосилно осуден на две години затвор за незаконската набавка на блиндираниот „мерцедес“. Сепак, Груевски и оние што кривично беа гонети во негово време имаат една заедничка работа, сите тие се прогласуваат себеси за политички осуденици, жртви на политички прогон.
„Станува збор за политички прогон, за политички монтиран процес што се води против мене“, рече Груевски. Тој тврди дека сите предмети од СЈО се дел од политичкиот прогон кон него за да му се наруши угледот и да се сруши политичката партија која тој ја водел, а со цел да се редефинира државата.
Истата порака завчера ја испратија и неговите приврзаници од пред судот и побараа од претседателот Ѓорге Иванов да го спречи политичкиот прогон во Македонија и да не дозволи затворите да се исполнат со политички затвореници. Според нив, СЈО има цел да работи на уништување на политичката елита на ВМРО-ДПМНЕ.
Иста беше реториката и тогашните политички жртви. Бошкоски тврдеше дека има докази за телефонски разговори во кои се кажуваат годините и висините на казните. „Во скопски кафеани се договара висината на казната, не само за мене, туку и за другите што се во Идризово. Судот е нем послушник на извршната власт“, велеше тогаш Бошкоски. Но тогаш Груевски тврдеше дека во Македонија нема политички затвореници, а тие за кои опозицијата тврди дека се политички затвореници се докажани со аргументи и факти.
Повеќе: „Диктатурата на дело“ за Груевски

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.