Републиканскиот кандидат за потпретседател Ј.Д. Венс го истакна потенцијалниот план на идната администрација на Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, кој вклучува формирање „демилитаризирана зона“ на украинска територија и забрана на членството на Украина во НАТО.
Пристапот што тој го опиша ќе биде драматичен пресврт на политиката на администрацијата на Џо Бајден за обезбедување воена и друга помош за Украина.
„Мислам дека ова ќе оди со тоа што претседателот Трамп ќе им го каже на Русите, Украинците и на Европејците дека мора да најдат мирно решение. А тоа веројатно би било нешто како воспоставување на сегашната демаркациона линија меѓу Русија и Украина, која би станала демилитаризирана зона“, рече Венс. Предложената демилитаризирана зона, додаде Венс, ќе биде „силно утврдена за Русите да не извршат повторно инвазија“.
Според американскиот кандидат за потпретседател, како дел од мировниот план, Украина би ја задржала својата независност во замена за неутралност, што значи дека нема да влезе во НАТО или во други „сојузнички институции“.
Венс не појасни кој ќе ја надгледува „демилитаризираната зона“, но рече дека сегашната демаркациона линија ќе остане, што имплицира дека Украина нема да ја врати територијата што сега е окупирана од Русија, што е околу 20 отсто од вкупната површина на Украина, пишува „Украинска правда“.
За време на интервјуто тој изјави и дека Русија „не требало да ја нападне“ Украина, но и дека „Украинците имаат многу проблеми со корупцијата“. Венс го нарече погрешно дефинирањето на украинско-руската војна како борба меѓу доброто и злото, а помошта на САД за Украина како „големата хуманитарна мисија на нашето време“.
„Има многу ризик за нас ако останеме таму и се обидеме да ги натераме Украинците да го задржат Крим. Прашањето е колку американски животи ќе чини. И ако одговорот е повеќе од нула, јас сум надвор“, објасни Венс.
Тој исто така рече дека Европа недоволно ја финансирала оваа војна, додека „американските даночни обврзници биле многу дарежливи кон Украинците“.
Тој рече дека пристапот на администрацијата на Бајден „е да фрли пари на овој проблем, надевајќи се дека Украинците ќе извојуваат воена победа што дури и Украинците велат дека не можат да ја добијат“, додаде Венс.
„Политиката на Доналд Трамп е да се биде силен, но и да се биде паметен. Преговарајте“, вели Венс.
Доналд Трамп постојано зборуваше за постоење на одреден „план“ за завршување на војната во Украина „во рок од 24 часа“ доколку победи во претседателската трка во ноември.
Оваа недела, за време на претседателската дебата против потпретседателката Камала Харис, тој не го кажа јасно својот план, избегнувајќи директен одговор на прашањето дали Украина треба да победи во војна со Русија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека овој месец на американскиот претседател Џо Бајден ќе му го претстави својот план за победа на Украина и дека ќе им го пренесе и на американските претседателски кандидати Камала Харис и Доналд Трамп.