Неколку лица се убиени денеска во престрелка во ресторан во населбата Бајице во Цетиње, соопшти црногорската полиција. Се уште нема официјална потврда за точниот број на жртви, но РТЦГ јавува дека осум лица загинале, а едно лице е рането.
Во соопштението се наведува дека пукањето се случило во попладневните часови, кога А.М. пукал и убил неколку лица, а потоа побегнал, јавуваат црногорските медиуми.
Полицијата упати апел до граѓаните на Цетиње да останат во своите домови, додека сите расположливи полициски единици се на терен и преземаат активности од нивна надлежност за ставање на ситуацијата под контрола и кривично гонење на сторителите.
„Ја информиравме јавноста дека се работи за ситуациски настан кој не е резултат на разбивање на високоризични организирани криминални групи. За решавање на оваа кризна состојба на терен се испратени специјални полициски единици“, соопштија од полицијата.