Неколку причини зошто не делуваат апчињата за контрацепција

Апчињата за контрацепција се едни од најчестите методи за контрацепција. Ако се земаат правилно, овие апчиња делуваат во 99,7% од случаите. Но постојат ситуации и кога тие воопшто не делуваат. Во продолжение погледнете шест такви ситуации.
1. Сте заборавиле да го испиете апчето или прекасно сте почнале со новото пакување
Најголемата причина за неефикасноста на овие апчиња е тоа што жените не ги земаат редовно. Односно, заборавањето да ја испиете дозата можеби е најголемата грешка бидејќи постои можност да останете бремени. Кај повеќето контрацепциски апчиња нема ништо да се случи ако го заборавите апчето во средината или при крајот на пакувањето. Но, ако почнете нов циклус и заборавите да испиете некои од првите 7 апчиња, може да настане проблем. Вашиот циклус на овулација може да се помести и потоа апчињата нема да можат да го сопрат.


Првата недела од земањето апчиња е најважна за спречување на развојот на јајце клетката. Значи постои поголема можност за зачнување ако направите поголема пауза во овој период. Ако заборавите да ја испиете која било пилула, испијте ја штом ќе се сетите. Но, испијте ја и онаа која редовно ви следува. Ако сте направиле грешка имајте предвид дека дејството на апчињата може да биде намалено, па најдобро е да користите и друго средство за заштита додека не го истрошите пакувањето.
2. Имате воспаление на цревата или друга болест на дигестивниот систем
Болестите на дигестивниот систем можат да го спречат апсорбирањето на кои било орални лекови, вклучувајќи ги и апчињата за контрацепција. Со ова се намалува дејството на апчињата. Ако имате дијареја или повраќате 2 или повеќе дена, однесувајте се како да сте заборавиле да го испиете апчето. На жените со хронични проблеми на дигестивниот систем им се препорачува да користат и некој друг метод за заштита од бременост.
3. Земате одредени лекови против мигрена или епилепсија
Некои видови лекови кои се земаат за епилепсија ги размножуваат ензимите во црниот дроб. Ова значи дека се забрзува процесот на разградување хормони во црниот дроб. Ова важи за секој облик хормонална контрацепција, без разлика на начинот на примање. Важно е да му кажете на вашиот лекар каква контрацепција користите за да ви каже што да правите.
4. Не ги земате апчињата со прогестерон точно и секој ден во исто време
Временската разлика од 3-4 часа нема да биде проблем кај комбинираната хормонска контрацепција – апчиња со естроген и гестаген. Но сепак се препорачува редовно земање. Ако пиете апчиња кои содржат само гестаген, важно е да внимавате на распоредот. Овие апчиња обично ги пијат жени кои дојат или кои не можат да примаат естероген. Тие создаваат слуз која е непробојна за сперматозоидите. Па и најмалата неправилност може да го намали нивното дејство. Ако ги заборавите или задоцните со пиењето на апчињата, следните неколку денови користете и друго средство за контрацепција.
5. Пиете некои антибиотици
Повеќето антибиотици, како оние за инфекции на дишните патишта, уринарни инфекции или оние кои ги препишуваат по вадење заб немаат влијание на контрацепцијата. Но антибиотиците за болести како туберкулоза и менингитис може да влијаат. Во секој случај, ако ви е дијагностицирана болест за која е потребна подолга терапија, кажете му на вашиот лекар дека користите хормонална контрацепција за да може да ве советува.
6. Користите кантарион
Кантарионот се користи за некои психички состојби како што е депресијата. Оваа билка може да го зголеми разградувањето на естерогенот, па со ова да го намали дејството на пилулите за контрацепција.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.