Нели немаше да се гради?! До пролет-лето идната година ќе се заврши македонскиот дел од пругата кон Бугарија, очекува Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека за околу три недели во Скопје ќе се одржи состанок во врска со изградбата на пругата кон Бугарија. Тој потсети дека последниот состанок се одржал во Софија, а претходно имало дијалог на високо ниво во Брисел.

Мицкоски е оптимист за, како што истакна, она за кое работиме и сонуваме да бидеме крстосница на три столба, железничка, транспортна и енергетска полека, но сигурно го реализираме како Влада.

– Добро е што аргументите за кои од наша страна цело време апелираме се прифатени и практично проектот сега ќе се разгледува ова трета секција од градот Крива Паланка до влезот на тунелот, кој е спорен, за кој од бугарска страна нема проект. Самиот тунел ќе биде заеднички проект. Конечно имаме јасна определба од страна на бугарската страна дека и тие ќе влезат во проектирање, така што македонскиот дел и бугарскиот дел ќе ги спои овој тунел. Бугарската страна ќе си го преземе делот на поврзување од излезот од тунелот до нивната национална железница, со што се отвора можност од почеток да ја започнеме оваа процедура и во најбрзо време очекувам до пролет лето идната година да го завршиме оној дел кој е наша обврска, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кои се заклучоците од состанокот на тема изградба на пруга кон Бугарија, по направениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Инаку, има доцнење при изградбата на пругата која е поделена во три дела Куманово-Бељаковце, Бељаковце- Крива Паланка и третиот е од Крива Паланка – граница.

– Ако втората секција не се заврши, не може да се пристапи на реализација на третиот дел, посочуваат од Владата.

Се доцни изградбата на втората делница каде досега се реализирани околу 20 отсто од работите. Како втора причина за доцнењето се посочува основата за сомневање за ангажираните подизведувачи, кои, како што се нагласува, не случајно се избрани. Поради овие две работи не може да се пристапи на третиот дел од Крива Паланка до граница.

Втората делница треба да се заврши на крајот на 2026 година, но претпоставките се дека тоа ќе се случи многу подоцна.

За доцнењето се плаќаат пенали така што проектот ќе дојде до 200 милиони евра.

Претходно Мицкоски кажа дека пругата завршувала во слеп тунел и е непотребно трошење на пари.

Нема да градиме се додека Бугарите не си го завршат, својот тунел, односно својата половина од тунелот и тие километри коишто недостасуваат од тунелот до приклучокот со националната железница на Бугарија, вака претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на Сител телевизија одговори на прашањето зошто ставот на Владата е сега да не се гради тунелот кој треба да поврзува со Бугарија.

Мицкоски додаде дека додека не се завршат обврските од другата страна на границата залудно е да се трошат половина милијарда евра за нешто што нема да биде функционално.

„Моментално буџетот за реализација на тој проект е 550 милиони евра од коишто 350 милиони се кредит, а 200 милиони се грант. 350 милиони ние ќе ги враќаме. Со тоа што изведувачот има право на пенали и клејмови. Моето скромно инженерско искуство вели дека најмалку уште 200 милиони ќе бидат потребни. Така што од тие 350 ќе дојдеме до половина милијарда пари коишто ние ќе треба да ги платиме. И да 200 милиони евра коишто се грант и коишто ќе ги платат европските даночни обврзници. Да, и тоа е точно, но 500 милиони ние“, потенцираше Мицкоски.

На прашање зошто мисли дека Бугарија не би го градела тунелот, Мицкоски одговори дека, таков сличен пример е и граничниот премин Клепало кој кај нас е готов а во Бугарија нема истурено ниту кубик песок.

„Поради тоа што граничниот премин Клепало до ден-денеска нема еден кубик песок истурено, а кај нас е готов. Искуството вели дека ние си ја завршуваме домашната задача, ама од другава страна некако слабо иде завршувањето“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Ние мислиме дека се додека не биде комплетен овој проект би било залудно трошењето на народните пари“

Пронајдете не на следниве мрежи: