Немир во Арабија: Роналдо заработува 585.000 евра дневно, но го бојкотира вториот натпревар по ред на Ал Наср

Кристијано Роналдо ќе го пропушти вториот натпревар по ред за Ал Наср, а сè укажува дека неговиот наводно тивок протест продолжува.

Поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед, кој го прослави својот 41-ви роденден во четврток, не играше на последниот натпревар на својот клуб, а според извештаите од Саудиска Арабија, тој е незадоволен од поддршката што Ал Наср ја добива од саудиските власти, особено во споредба со некои ривали во Про лигата.

Се надеваше дека Португалецот ќе го прекине бојкотот откако објави фотографија од тренинг на социјалните мрежи во среда, но сега се чини дека ќе го пропушти големото дерби во петок против актуелниот шампион Ал Итихад, натпревар кој се смета за клучен во трката за титулата.

Според достапните информации, Роналдо заработува околу 585.000 евра дневно во Ал Наср, а клубот моментално е на второто место на табелата, четири бода зад лидерот Ал Хилал.

Тој наводно е особено лут поради фактот што Ал Хилал, најголемиот ривал на неговиот тим, го доведе Карим Бензема од Ал Итихад. Бензема постигна хет-трик на своето деби за Ал Хилал во победата од 6-0 над Ал Акдуд.

Роналдо верува дека неговиот клуб, кој сè уште не ја освоил титулата шампион на Саудиска Арабија, не добива исто ниво на институционална и финансиска поддршка како Ал Хилал и другите два клуба во сопственост на државниот инвестициски фонд (PIF).

Португалецот има уште 18 месеци од договорот, кој вклучува откупна клаузула од околу 50 милиони евра. Сепак, останува прашањето колку клубови би биле спремни да ја платат таа сума за 41-годишникот, особено со оглед на неговата висока плата.

Иако МЛС дозволува да се доведат одреден број скапи играчи, на повеќето клубови би им било тешко да се приближат до финансиските барања на Роналдо. Исто така, според извори блиски до играчот, враќањето во Манчестер Јунајтед не доаѓа предвид.

Саудиската професионална лига одби да коментира за случајот, иако извори велат дека официјалните лица се збунети од развојот на ситуацијата. Исто така, беше посочено дека трансферот на Бензема не бил финансиран од ПИФ, туку од приватен инвеститор, и дека Ал Наср може да следи сличен модел доколку најде соодветна поддршка.

Ставот на лигата е средствата да се распределуваат рамномерно меѓу клубовите на ПИФ, а вреди да се напомене дека Ал Наср веќе потроши околу 117 милиони евра за засилувања оваа сезона.
The post Немир во Арабија: Роналдо заработува 585.000 евра дневно, но го бојкотира вториот натпревар по ред на Ал Наср appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: