Непознати луѓе преку ноќ дојдоа со багери и ми ја урнаа фирмата, обвинува скопјанец

Скопјанецот Красимир Георгиевски, сопственик на фирмата „Видра декор“, се жали дека непознати луѓе со багери дошле на неговиот имот во Кисела Вода во петокот попладнето и до сабота наутро целосно го урнале неговиот деловен објект од 77 квадратни метри, а просторот го заградиле со тараби, објави „Телма“.

На новопоставената ограда нема информации за тоа кој е инвеститор или изведувач на работите.

„Ова е организиран криминал со голема логистика. Обезбедени ни се камери од случувањата, сите комшии виделе што се случува, кои се што се, сепак препуштам на полицијата да се расчисти оваа дрскост. Приватна своина, некој да дојде преку ноќ да ти го сруши објектот и да не постои сторител. Тоа е невидена работа“, изјави Георгиевски за „Телма“.

На фотографиите направени минатата недела се гледа дека тарабите на соседната парцела се поставени веднаш до капијата. Во сабота наутро веќе биле поместени десетина метри во парцелата на Видра Декор, а објектот бил урнат. Имотниот лист гласи на фирмата Видра Декор, но сега нема ниту објект. Останал само еден столб да сведочи дека до пред неколку дена тука имало објект.

„Еве видете, ја искршиле влезната врата, дел оставиле. Без најава, без предупредување, без некои уцени, не сум бил уценуван никогаш, да се јавеле да ми се закануваат, тоа не, само дошле, срушиле и си отишле. Однесени се материјали, сè што е вложено е отидено во ветер“, вели Георгиевски.

Косопственик на фирмата Видра Декор е поранешниот градоначалник на Општина Бутел Велимир Смилевски, но другиот косопственик Георгиевски не верува дека случајот има политичка заднина.

Пронајдете не на следниве мрежи: